Овој рецепт е подобар од купечкиот. Се приготвува многу брзо со готови кори и фил по желба, во случајот со сирење. Првиот рецепт е испробан неколкупати и одличен е, а исто така и вториот рецепт за кој има и линк со видео прилог. Прв рецепт за домашен бурек – Фото и рецепт: Вишња Вишња.

Потребни состојки: 1 пакување готови тенки кори, 150 мл вода (може и газирана), 50 мл масло, сол по вкус ако сирењето не е доволно солено и 500 г сирење. Постапка: Водата, маслото и солта ставете на оган да зоврие. Првите две кори ставете ги во тепсија но така што краевите ќе висат надвор.

Премачкајте ги со масло и вода. Така редете ги следните кори и секоја исто премачкувајте ја. Потоа филувајте со сирење и повторно редете кори и секоја прелијте ја. Кога ќе се потрошат сите кори, тогаш оние првите две што висат преклопете ги одозгора.

Печете на 220 степени околу 30 минути. Кога е печен бурекот превртете го наопаку и исечете го. Знам дека се признава само бурек со месо, а сето останато со сирење дека е пита или баница, па вие наречете го како сакате. Пријатно јадење!

Втор рецепт со видео презентација – Бурек со сирење кој секогаш успева, како од бурекчилница, а можат и неисукусните да го направат. Овој бурек се топи во уста, многу е вкусен и едноставен за приготвување. Можат да го приготват дури и понеискусните.

“Нека не се лутат оние што сметаат дека бурек со сирење –не постои, овде во Хрватска е сосем нормално да се порача бурек со сирење, со спанаќ, јаболка и слично…” – се наведува во видеото на “Сашина кујна”, кое подолу на линкот можете да го погледнете.

Без разлика на тоа дали ќе ја наречете, пита, сирењак или бурек со сирење, сеедно, треба да пробата и сами да оценете за вкусот. Потребни состојки: 650 г готови кори за пита, 3 големи лажици за намастување на тепсијата, 500 г свежо кравјо полномасно сирење или урда, 1 мала лажичка сол (7,5 г), 100 мл масло, 500 мл газирана вода.

Постапка: Тепсијата во која ќе се приготвува бурекот намастете ја со 3 супени лажици масло. Врз неа ставете две кори и убаво притиснете ги, така што, краевите да излегуваат и висат однадвор. Во еден подлабок сад ставете половина литар газирана вода, една полна лажичка сол и 100 мл масло за јадење.

Убаво промешајте со жица за матење за да се разбие маслото во водата и да се растопи солта. Сирењето издробете го. Започнете со редење: Корите во тепсијата испрскајте ги со 3-4 лажици од течната мешавина, па ставете неколку лажици од сирењето.

Потоа, одозгора ставете нова кора. И неа испрскајте ја со течноста и нанесете сирење. Поклопете ја со друга кора и повторувајте ја постапката. Нанесете уште една кора (вкупно 5 со двете најдолу), распоредете сирење и на краевите од тепсијата за да биде рамномерно, па поклопете ја со краевите кои висат надвор (види видео).

Потоа ставете нова кора и повторете ја постапката одново. На секои 2-3 кори, краевите поклопувајте ги внатре. За крај оставете две празни кори, кои откако убаво ќе ги “спакувате” одозгора, испрскајте ги со преостанатата течност. Бурекот оставете го малку да одмори, па избоцкајте го насекаде со чепкалка за заби.

Ставете да се пече во загреана рерна на 210 степени околу 40 минути. Печениот бурек извадете го малку да излади, па одвојте го од ѕидовите на тепсијата и превртете го. Пресечете го и послужете го со јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.