Крофните се омиленото печиво на сите генерации. Мирисни, топли или ладни, вкусни, меки како перничиња, едноставно неодоливи. Со овој рецепт ќе добиете еден куп крофни кои можете да ги наросите со шеќер во прав, да ги прелиете со чоколадна глазура, или да ги оставите онака „ќелави“ – рецепт на Милка Зечевиќ.

крофни – Милка Зечевиќ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топло млеко, 200 мл топла вода, 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 супена лажица шеќер, 100 мл масло, 2 јајца, половина ракиена чашка ракија, околу 1 кг и 300 г брашно. За наросување: шеќер во прав, чоколадна глазура, шарени трошки… по желба.




Постапка: За да го активирате квасецот потребно е да го загреете млекото, но не смее да биде врело. Сите останати наведени состојки треба да бидат на собна температура, вклучително и јајцата. Исто така, добро би било и просторијата во која ќе го замесите тестото да биде топла.




Во млако млеко растворете го квасецот со една лажица шеќер, додајте една-две лажици брашно и помешајте додека да добиете изедначена смеса без грутчиња. Оставете на топло место 10-тина минути додека да се активира и запени.




Во поголем сад за месење просејте го брашното, околу аглите наросете прстофат сол, а во средината направете вдлабнување. Тука додајте ги двете јајца, маслото и активираниот квасец, малку ракоја (за да не впива масло при пржењето и да бидат крофните уште помеки), па со млака вода замесете убаво, компактно и мазно тесто.




Вратете го во чист сад, покријте го и оставете го да стасува додека да го удвои својот волумен, околу еден час. Потоа премесете го и оставете го да стасува уште еднаш (ако имате време и не ви се брза, може и двапати да го премесите).

крофни – Милка Зечевиќ




Потоа тестото поделете го на две или три топки (бидејќи е големо, за да можете полесно да развлечете кора). Со помош на оклагија развлечете кора со дебелина од 5-8 мм, па со помош на модла или чаша вадете кругови.




Доколку немате модла, може да се послужите со две чаши со различен дијаметар, една поголема и една помала, па да ги правите крофните прстенести. Извадените кругови редете ги врз малку набрашнета површина и покријте ги за да не се сушат.

Брзи крофни (Фото: Елена Мишковска) – рецепт ОВДЕ.




Оставете ги да стасаат пред пржењето, а во зависност од топлината на просторијата за тоа ќе им биде потребно околу половина час или 40 минути додека да се удвојат. Остатокот од тестото што ќе остане повторно замесете го, развлечете го во кора и вадете кругови додека целосно да се потроши.




Во пошироко тенџере или тава загрејте маст или масло (ние дома пржиме исклучиво на маст), да има барем два прсти длабочина. Откако ќе се загрее намалете ја температурата на умерено и спуштајте ги крофните да се пржат со горната страна надолу (обратно).

крофни – Милка Зечевиќ




Пржете ги по неколку минути од двете страни додека да заруменат. Вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка. Кога ќе се подизладат може да ги наросите со шеќер во прав, да го прелиете со чоколадна глазура или да ги оставите така „ќелави“. Рецепт на Милка Зечевиќ.

крофни – Милка Зечевиќ