Во тетратката на мајка ми, овој рецепт е запишан под името „киселото тесто на мама“, таа често ги подготвуваше по овој рецепт и секогаш крофничките излегуваа многу вкусни и меки, како сунѓер. Тестото се подготвува без млеко, со газирана вода и затоа излегува пенасто.

Овој рецепт може да го користите за секој вид на печива, како уштипци. Овој рецепт е испробан многупати и секогаш ме воодушевува со мирис, текстура и вкус. Кој сака може крофничките да ги наполни со фил од чоколаден крем, џем, пудинг од ванила. Еве што ви е потребно:

прв рецепт

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 250 мл газирана вода, 20 г квасец свеж квасец, 1 жолчка од јајце, 3 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 2 лажици масло, 1 лажица рендана кора од лимон, 500 г брашно Т-400 меко.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ – посни крофнички (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 кг брашно, 1 коцка свеж квасец, 1 лажичка сол, 4 лажички шеќер, 125 г маргарин, 500 мл вода.

ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во подлабок сад издробете го квасецот, па врз него сипете 250 мл газирана вода. Малку промешајте додека квасецот да се раствори и додајте 1 лажица шеќер од вкупната количина и 1-2 лажици брашно. Добро промешајте и оставете квасецот да се активира, приближно 15 минути.

Потоа, во стасаниот квасец додајте 1 жолчка, 2 лажици масло, 1 ванилин шеќер и 1 лажица рендана кора од лимон и портокал, зависи што повеќе сакате. Замесете со брашното кое се додава етапно. Брашното додавајте го малку по малку и додајте прстофат сол.

Завршете со месењето и оставете го тестото да стасува додека да се удвои околу 40-тина минути. По месењето, тестото се замесува уште малку додека да излезе насобраниот воздух од него, па повторно се остава уште 20-тина минути да надојде.

Потоа, тестото развлечете го на набрашнета работна површина и вадете тркалца со чаша и оставете малку да одморат за да стасаат, околу 10-тина минути. Маслото загрејте го и горната страна на крофната спуштете ја свртена кон долу. Поклопете и пржете околу една минута, тргнете го капакот, превртете ги крофните и оставете долната страна уште малку да зарумени.

Доколку не сакате да ги полните со ништо, можете да им правите и дупки во средината. Крофничките вадете ги на салветка да се исцедат, наросете ги со шеќер во прав и послужете ги со џем. Во зависност од големината на крофните со обична чаша излегуваат 15-тина.

ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Во малку млака вода се раствора квасецот заедно со малку шеќер и брашно. Се промешува да се добие изедначена смеса и се остава на топло, 10-тина минути за да се активира квасецот. Потоа, од сите наведени состојки се замесува убаво тесто кое не лепи на раце.

Фото и рецепт на Снежана Трајковиќ

Се развлекува кора и со чаша се вадат крофните. Со оставаат малку да одморат додека да го расчистите малку нередот од месењето. Се пржат во умерено загреано масло, прво од горната страна, па откако ќе заруменат се превртуваат и на другта страна. Пржените крофни вадете ги врз хартиена салветка. Вториот рецепт е на Снежана Трајковиќ.

Деталите од целата постапка за првиот рецепт можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. ПРОЧИТАЈТЕ СЛЕДНО: БРЗИ КРОФНИ: Толку се добри што денес двапати ги правев – ОВДЕ и Без јајца – рецепт за меки и нежни крофни кои се дујат како перничиња, прелиени со шеќер – ОВДЕ