Ова е рецепт за Најлон торта од една од моите стари тетратки со рецепти. Можеби има слични верзии на овој рецепт, но јас го имам направено многупати и секогаш ми излегува одлично, па затоа одлучив да го споделам рецептот со вас … Поради крем бананите, пресекот не е многу совршен, но вкусот и текстурата се … поезија!

Потребни состојки за кора: 7 белки, 16 лажици шеќер, 1 лажица сок од лимон. За ФИЛ: 1 литар млеко, 16 лажици шеќер, 7 жолчки, 1 пудинг од ванила, 5 лажици брашно, 3 лажици густин, 1 маргарин (250 г), 1 кесички шлаг, 10 крем банани, 200 г чоколадо.

ЗА ДЕКОРАЦИЈА: 2 кесички шлаг и малку газирана вода според упатството на амбалажата.

Постапка за приготвување на кората: пенасто изматете ги белките со постепено додавање на 16 лажици шеќер. Матете доволно долго додека да се растопи шеќерот и да добиете мазен, сјаен и цврст снег.

одвојте ги во посебни садови белките од жолчките

постепено додавајте шеќер
матете околу 5 минути

Пред крајот додајте една лажица лимонов сок. Смесата рамномерно распоредете ја во намастен и набрашнет плех 25х35 см (или обложен со хартија) и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 150 степени, 45 минути.

варете го кремот додека да згусне

Постапка за приготвување на филот: Ставете 700 мл млеко да зоврие со 16 лажици шеќер. Изматете ги жолчките, пудингот, брашното и густинот во 300 мл ладно млеко.

Изматете со миксерот додека да добиете изедначена, хомогена смеса

Внимавајте убаво да ги изедначите состојките и да нема грутчиња, а потоа смесата полека истурете ја во врелото млеко и со непрекинато мешање сварете го кремот. Оставете на страна да се олади со постојано мешање за да не фати коричка (или покријте одозгора со проѕирна фолија).

На страна пенасто изматете го маргаринот, а посебно изматете еден шалг со газирана вода (ставете малку помалку од потребното за да добиете погуст шлаг). Кога кремот ќе се олади започнете постепено да го додавате во изматениот маргарин, а на крај во додајте го и изматениот шлаг.

Убаво промешајте додека да добиете изедначен, нежен крем. Смесата поделете ја на два еднакви дела.

За фил 1: во првата половина додајте 200 г растопено чоколадо и промешајте за да се изедначи подеднакво. За фил 2: додајте ситно сечкани крем бананчиња. промешајте.
Редење: кора-фил1-фил2-шлаг. Колачот може да се сервира истиот ден, веднаш штом се олади во фрижидер. Не е погоден за замрзнување. / Сооlinarika.com