Кралска погача, многу едноставна и вкусна, а мека како душа – 3 рецепти

I Рецепт: Погача со лук и магдонос, многу е вкусна и мека, а се подготвува за час

Оваа вкусна погача со неодолив вкус на лук и магдонос ќе ве потсети на старите добри денови кога ќе се вратевте од надвор, а дома ве чекаше топла погача на трпезата.

Погачата има специфичен вкус на лук и магдонос, а тестото за корите е многу меко. Може да ја подготвувате во различни форми, за појадок, ручек или вечера, а додека јадете може да се послужите и со јогурт. Ароматична, вкусна и неодолива, нема да ве остави рамнодушни.

Потребни состојки за кората: 700 г брашно, 1 кесичка сув квасец, 1 супена лажица шеќер, прстофат сол, 1 супена лажица масло, малку млака вода колку да се замеси меко тесто. За филот: 2 супени лажици маргарин или путер, зајре од младо зелено лукче и магдонос.

Подготовка: Во длабок сад се меша брашното, сувиот квасец, шеќерот, солта, маслото и малку млака вода. Се меша во садот додека да се формира, а потоа се пренесува на набрашнета површина и се замесува, но не премногу.

Тестото треба да биде меко и воздушесто. Потоа тестото повторно се враќа во длабокиот сад и се додава уште малку масло. Се остава покриено со фолија и крпа околу 15 минути на собна температура. По изминатото време, тестото повторно се става на набрашнета површина и се дели на половина.

Потоа со едната половина се развлекува правоаголна кора. Должината на кората зависи од тавата во која ќе ја печете погачата. Дебелината на тестото треба да биде 2 – 3 цм. Тестото се премачкува со претходно направената смеса од маргарин, ситно сечканото младо лукче и малку магдонос. Може да додадете малку сол по желба.

Потоа се развлекува и втората половина од тестото со истата должина и дебелина како првата кора. Потоа повторете ја истата постапка на нанесување на смесата од маргарин, магдонос и лук. Се прават две долги ленти од корите, а потоа се сечат на тркалца.

Во претходно намастена тава, тркалцата се редат скалесто додека да се пополни целата површина на тавата. Првото и последното парче од двете ролни, бидејќи немаат правилна тркалезна форма се редат на средината на тавата.

Одозгора тестото се премачкува со разматена жолчка од јајце и се наросува малку сусам и ленено семе. Во претходно загреана рерна, погачата се пече на 200 степени додека да зарумени.

Откога погачата ќе се испече, покријте ја со кујнска крпа. Оставете ја да отстои околу 15 минути на собна температура за да омекне дополнително од сопствената топлина. Потоа послужете се со веќе поделените делови од погачата и уживајте во специфичниот вкус на лук и магдонос.

II Рецепт на Домашни рецепти – Кралска погача.

Многу вкусна, мека како памук погача, но исто така и многу декоративна. Се подготвува многу лесно и едноставно, само следете ја внимателно постапката и дозирањето на состојките.

Потребни состојки: 600 мл вода, 1 лажица шеќер, 10 г сув квасец, 1 кг брашно, уште малку брашно за месење, 1-1,5 лажица сол, 4 лажици масло, 60 г растопен путер.

Постапка: Во еден подлабок сад ставете 600 мл топла/млака вода, додајте една лажица шеќер, 10 г сув квасец и малку брашно. Промешајте добро и додајте уште малку брашно, малку сол и две лажици масло. Повторно промешајте додека да се изедначи смесата.

Прво мешајте со лажица, а брашното постепено додавајте го. Месењето на тестото завршете го со рака. Речиси измесеното тесто истресете го на набрашнете површина и дополните изработете го. Вкупно со домесувањето ќе ви биде потребно 1 кг брашно.

Тесто е меко и многу малку лепливо. Премачкајте го со малку масло и уште малку премесете го. На тој начин ќе стане мазно и нелепливо. Формирајте топка и вратете го во садот каде што го замесивте, покријте го со кујнска крпа и оставете го да стаса еден час.

Тепсија или калап со пречник 28 – 30 цм обложете со хартија за печење (или исечете круг со ист пречник и поставете го на дното од тепсијата). Под хартијата ставете малку масло за полесно да се залепи.

Путерот растопете го, а ќе ви биде потребно околу 50-60 г. Не треба да биде премногу растопен, туку доволно за да може да се размачкува. Подгответе уште малку брашно кое ќе ви биде потребно за премесување.

Стасаното тесто истресете го на набрашнета работна површина, формирајте го во форма на векна и поделете го на четири еднакви делови. Еден дел тргнете го на страна, а секој од трите делови поделете го на четири еднакви делови. Така ќе добиете 12 помали делови и еден поголем дел.

Овој поголем дел поделете го на пет делови од едното делче треба да биде доста помало од другите. Значи, вкупно ќе добиете 17 делови. Од секое делче формирајте топче. Секое топче развлечете го во кора со величина на чинија, па пресечете ја на половина. Секоја од половините засечете ја со неколку линии до половината.

Одозгора премачкајте со растопениот путер и започнете да виткате како корнет започнувајќи од несечената страна. На овој начин развлечете осум теста, така што ќе добиете 16 корнети. Овие корнетчиња редете ги во тепсијата.

Развлечете ги следните четири топчиња во тркалезни кори. Првиот круг премачкјате го со путер и поклопете го со вториот. И него премачкјате го, преклопете го со третата кора, премачкјате ја и неа и поклопете со четвртата кора. Малку со дланките притиснете ги краевите.

Вака нареденото тесто исечете го на осум триаголници, а секој триаголник поставете го помеѓу две кортнечиња во тепсијата. Истата постапка се повторува и со преостанатите четири топчиња (помалите). Повторно трите теста се премачкуваат со путер и се редат едно врз друго, последното не.

Исто така, се сечат на осум еднакви триаголничиња и се редат помеѓу претходните триаголници во тепсијата. Од најмалото топче се развлекува мала коричка, се засекува на едната страна и се витка како корнет – ружа. Се поставува во средината.

Со стапче за ражнич се втиснува средината на секој триаголник да се добие изглед на лист. Вака приготвената погача се остава покриена 15 минути додека рерната се загрева на 200 степени. Потоа изматете една жолчка со една лажица млеко и со оваа мешавина премачкјате ја погачата.

На крај наросете сусам, семки од тиква или по ваш избор семки. Ставете ја да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Кога е печена премачкајте ја одозгора со преостанатиот путер. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

III Рецепт: ЈОГУРТНА ПОГАЧА – Целото соседство ќе мириса прекрасно додека се пече, никој не може да и одолее.. Погачата е мека како душа и многу е едноставна за правење, особено за младите домаќинки кои немаат многу искуство во кујната.

Потребни состојки: 2 јајца, 1 јогурт во чаша (180-200 мл), 50 г квасец, 200 мл вода, 2 лажички шеќер, 2 лажички сол, брашно по потреба тип 400 меко (околу 700-800 г) и сусам за наросување, 150 г маргарин за мачкање (користев лајт маргарин).

Постапка: Квасецот и шеќерот растворете ги во млака вода. Промешајте и оставете 10 минути на топло место за да стаса. Додајте и малку брашно за полесно да ферментира квасецот. Во околу 700 г брашно направете вдлабнување, па во него додајте две јајца кои претходно отстојале на собна температура.

Потоа додајте го јогуртот, исто така отстојан на собна температура. Солта наросете ја околу во брашното, додајте го стасаниот квасец, па замесете меко нелепливо тесто, а по потреба додајте уште малку брашно. Тестото оставете го 5 минути да одмори, а потоа развлечете го во голема кора.

Кората треба да биде со правоаголна форма и дебелина од 5 мм. Преку целата површина премачкјате ја кората со омекнат путер. Свиткајте ја кората како ролат, а потоа сечете парчиња со широчина од околу 4-5 цм. Редете ги во тркалезен калап или тепсија.

Покријте ја тепсијата со кујнска крпа или најлонска фолија и оставете да стаса за да се удвои. Врз секое ролатче ставете малку маргарин и наросете сусам. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени. Погачата чувајте ја во сува крпа. /Coolinarika.com / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска

Loading...
Претходна статијаНАЈЛОН ТОРТА: Од некоја моја стара тетратка со рецепти
Следна статијаНапиток кој го подига имунитетот, не се двоумете и веднаш направете го, прави чуда во организмот