Тортата има многу добар вкус и изгледа доста декоративно, па вашите гости ќе мислат дека многу сте се потрудиле околу нејзината подготовка и дека е многу комплицирана. Вистината е дека се приготвува многу едноставно и многу брзо.

Потребни состојки за кори: 100 г шеќер, 100 г посен маргарин, 100 мл вода, 1 кесичка нес кафе 2г, 300 г брашно, 1/2 прашок за печиво. Од оваа количина тестото се дели на три дела и секоја кора се пече на 180 степени околу 10 минути.

Потребни состојки за фил: 700 мл вода, 200 г шеќер, 4 кесички нескафе, 7 лажици густин, 250 г посен маргарин, 300 г посен шлаг, газирана вода за шлагот, сечкано суво овошје (суво грозје) по желба или јаткасти плодови

Постапка: Веднаш нескафето промешајте го во водата и тргнете го на страна. Во брашното додајте го прашокот за печиво. Путерот омекнат на собна температура испасирајте го со виљушка, па пенасто изматете го. Додајте го шеќерот и продолжете со матење.

Во изматениот путер додајте го разматеното нескафе, изматете, па постепено додавајте го и брашното. Добиеното тесто поделете го на три еднакви делови од кои ќе се испечат три кори врз превртена тепсија или калап. Калапот за торти (24 см) обложете го со хартија за печење, но од неговиот заден дел.

Земете еден дел од тестото и со помош на прстите или со задниот дел на лажицата (претходно натопена во вода), тапкајте го и развлечете кора според димензиите на калапот. Ставете да се пече во загреана рерна на 200-180 степени околу 10-15 минути.

За фил: Во густинот додадете вода (100 мл) и убаво промешајте да нема грутчиња. Преостанатата вода (600 мл) ставете ја на оган заедно со шеќерот и нескафето, па кога ќе зоврие додајте го густинот со постојано мешање додека да добиете густ крем. Тргнете на страна да излади.

Путерот измиксајте го пенасто, па во него постепено додадете го изладениот крем од нес кафе со постојано матење.

На страна изматете го шлагот и започнете со филување на тортата. Врз првата кора нанесете третина од филот и убаво израмнете, па ставете третина од крем шлагот. Постапката повторете ја со трите кори. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ: Брза посна торта, вкусна, кремаста, излегува доста, брзо се приготвува без печење на кори

Тортата се прави со посни бисквити, ореви и желе бонбони, а според вкусот не се разликува од тортите кои не се посни.

Оваа торта е погодна за некоја поголема прослава или слава, а доколку ви е потребна помала торта, тогаш намалете ги соодветно количините на потребните состојки.

Потребни состојки: 600 г посни бисквити, 300 г газиран сок (фанта, портокал или било кој), 1250 мл вода, 4 пудинг од ванила, 4 лажици густин, 10 лажици посно (соино/кокосово/оризово) млеко во прав, 250 г маргарин (посен за колачи), 300 г шеќер во прав,

Потоа, 300 г мелени ореви, лешници или бадеми (250 г за фил + 50 г за декорација), 400 г шарени желе бонбони (300 г за фил и 100 г за декорација), 300 г црно чоколадо за готвење, 400-800 г посен шлаг – во видеото се користат пакувања од 200 г кои се приготвуваат со 100 мл ладна вода (100 г со 50 мл вода)

Наместо посен шлаг можете да користите растителна слатка павлака од 500 мл е доволно. Посно млеко во прав можете да купите во сите продавници за здрава храна или поголеми маркети.

Постапка: Еден литар вода ставете во тенџере и оставете да зоврие. Во 250 мл вода ставете 10 лажици посно млеко во прав и промешајте. Потоа додајте 4 пудинзи од ванила и 4 лажици густин.

Состојките убаво промешајте ги за да нема грутчиња и потоа со постојано мешање додајте ја смесата во водата која врие. Садот тргнете го настрана, намалете ја температурата и доварете го кремот додека тој да се згусне.

Кога е готов кремот, одвојте од него нешто повеќе од една третина, и во врелиот фил додајте 300 г ситно исечкано црно чоколадо. Промешајте за да се се растопи и соедини со кремот. Додека се ладат филовите повремено промешувајте ги за да не се создаде кора.

Маргаринот (претходно омекнат на собна температура) изматете го пенасто, а потоа доматете го со шеќерот со прав. Изладените филови (жолт и чоколаден) убаво изматете ги со миксер. Оревите сомелете ги, желе бонбоните ситно исечкајте ги. Одвојте по малку за декорација.

Една третина од изматениот маргарин додајте го во чоколадниот фил и заедно изматете ги да се соединат. Остатокот (две третини) од маргаринот додајте го во жолтиот фил и соединете го со миксање. Потоа филот од ванила поделете го на два дела.

Во половина од филот додајте 250 г ситно мелени ореви и изматете со миксер. Во втората половина додајте сечкани желе бонбони и промешајте со лажица. Сега, кога сите три фила се подготвени, може да се започне филувањето на тортата.

За првиот ред бисквити се потреби 30 парчиња претходно натопени во малку сок (вие ориентирајте се според вашиот калап). Преку првиот слој бисквити распоредете го филот со ореви и убаво израмнете.

Врз вториот слој бисквити наредете го филот со желе бонбони и убаво израмнете го, а после третиот слој бисквити распоредете го чоколадниот фил и декорирајте ја целата торта со изматен шлаг и малку сечкани желе бонбони и ореви. Сите детали можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.