Најбрзата торта на светот и за многумина омилена, се приготвува за 5 минути и од само 5 состојки, евтина е за разлика од другите и за неа не треба да вклучувате рерна. За многумина е позната како „Баунти торта“, но овојпат подготвена на малку полесен и поедноставен начин.

Сите љубители на баунти чоколатцата сигурно ќе ја обожаваат оваа торта, зашто најблиску е до оригиналниот вкус, а се приготвува многу брзо, лесно и едноставно. Не треба да вклучувате рерна ниту шпорет, па одлична е за летниот период кога не сакате да се вжештувате в кујна.

Идеална е за гости кои тукушто ви се најавиле дека ќе поминат на кафе, зашто ќе ја приготвите за само 5 минути, а после само еден еден час ладење во фрижидер можете да ја послужите и да се сладите во нејзиниот вкус. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (калап за торти 26 см): 250-300 г бисквити од какао (или по избор), 100-150 мл млеко за натопување на бисквитите, 500 г крем сирење (маскарпоне, филаделфија, абц или некое друго), 150 г шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 400 мл слатка павлака за шлаг, 50 г кокосово брашно. За глазура: 200 г чоколадо за готвење и 100 мл слатка павлака

ПОСТАПКА: обложете го калапот за торти со флексибилен обрач со пречник 26 см, или пак, ако немате ваков калап, употребете каков имате, но обложете го со проѕирна-стреч фолија на начин за да можете подоцна да ја извадите тортата од калапот.

Бисквитите кратко натопувајте ги во млеко (собна температура) и редете ги на дното од калапот, а доколку се одлучите за кружен калап, тогаш неколку биксвити искршете ги на помали парчиња за да се пополни дното.

Во подлабок сад истресете го крем сирењето и додајте го шеќерот и ванилата, па изматете со миксер додека целата смеса да стане кремаста и шеќерот да се растопи. Потоа додајте ја течната слатка павлака и продолжете со матење.

Павлаката можете да ја додадете одеднаш или постепено додека матите. Миксајте уште некоја минута додека да добиете убав крем кој може да се мачка (внимавајте да не претерате со матење и да стане путерест), а потоа додајте го кокосовото брашно (снегулки).

Промешајте додека кокосот рамномерно да се распореди во кремот, па половина од смесата истресете ја врз слојот бисквити, рамномерно распоредете и израмнете. Потоа наредете втор слој бисквити, исто така кратко потопувани во млеко и неколку поткршени.

Истресете ја втората половина од кремот и убаво распоредете за да нема празни воздушни простори. Израмнете, па прелијте со ганаш или чоколадна глазура (загрејте ја слатката павлака и прелијте ја врз чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи).

Со навалување на тортата под разни агли ќе ја распоредите рамномерно глазурата. Потоа ќе ви преостане само да ја оставите тортата еден час во фрижидер за убаво да се стегне. Пред да ја сечете, најдобро би било да го загреете ножот под млаз врела вода, а потоа да го избришете. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.