Јужната Мексиканска држава Оаксака забрани продажба на засладени пијалаци и висококалорични грицки на деца. Оваа мерка е преземена со цел да се застане на патот на дебелината – пренесува Гардијан.

Според новиот закон кој се однесува на деца и адолесценти, се пропишани казни, па и евентуално затворање на продавниците кои ќе им продаваат на децата слатки, зашеќерени пијалаци и грицки кои имаат ниска нутритивна вредност.

Тоа всушност значи дека чоколадите и соковите кои содржат шеќер се ставени во иста категорија како цигарите и алкохолот.

-Важно е конечно да се постават кочници во оваа индустрија од чии производи се разболе народот и децата во оваа земја.

Таа индустрија допре до најзафрлените места во нашата земја во кои честопати нема ниту лекови, но затоа има кока-кола, изјавила пратеничката Магали Лопес Домингес, која го претстави законот.

Таа овој закон го најави уште порано, пред повеќе од една година, но пандемијата ковид-19 беше дополнителен поттик за да го усвојат овој закон.

Законот на Оаксака доаѓа во моменти кога Мексико се бори против ширење на коронавирусот, а здравството го вперува прстот токму во еден од најголемите проблеми кога станува збор за пандемијата, а тоа се нездравите навики на Мексиканците, меѓу кои е и консумирањето на слатки и газирани пијалаци.

Мексиканскиот епидемиолог Хуго Лопес-Гател ги означи засладените пијалаци како “отров во шише”.

Тој 40.000 смртни случаи, како и голем број на дијабетичари, проблеми со дебелина и висок крвен притисок, ги препишува токму на преголемото консумирање на ваквите пијалаци. Овие здравствени состојби се сите коморбидитети кои болеста ковид-19 може да ја направат фатална по заразениот.

Моќната мексиканска индустрија на пијалаци го обвини Лопес-Гател за “сатанизација на стратешката економска активност и производите кои се омилени кај милиони Мексиканци.”

Соопштено е дека и владината статистика покажала дека Мексиканците добиваат само 5,8% дневни калории од засладените пијалаци.

Мексиканците пијат 163 литри зашеќерени пијалаци годишно по глава на жител, а почнуваат многу млади. Тоа ги прави апсолутни светски рекордери.

Според истражувањето на една група за заштита на потрошувачите и голем критичар на индустријата на пијалаците, околу 70% од учениците од сиромашната мексиканска држава Гереро за појадок консумираат газирани пијалаци.

Околу 73% од мексиканската популација имаат прекумерна тежина, а со тоа поврзаните болести како што се дијабетесот, се во голем пораст.

Мексико во 2014 година донесе закон за оданочување на ваквите производи, па така, засладените пијалаци се оданочуваат со по еден пезос по литар (околу 5 центи), но студиите покажале дека со спроведувањето на оваа мерка дошло до намалување на консумацијата за само 7,5%.

Истовремено, парите собрани од данокот не биле наменети за јакнење на јавното здравје, како што било ветено – изјавил директорот на споменатата група за заштита на потрошувачите.