Мусаката се смета за врвен специјалитет во многу земји, а секоја земја има свој начин на подготовка на ова јадење. Кај нас се прави со компири и мелено месо, во појужните делови додаваат сос од домати и бешамел, но има и верзии кои се прават само со зеленчук. Понекогаш во меленото месо се додава ориз, некојпат зеленчук, а наместо компир може да се употреби и некој друг зеленчук, како модар парлиња, тиквички, карфиол и слично.




Доколку сакате полесна и побрза верзија на мусака, пробајте го шпанскиот рецепт за мусака со спанаќ и компири, прелиена со прелив од јајца и кашкавал. Мусаката излегува сочна и вкусна, а секој залак е вистинско уживање. Во продолжение можете да го прочитате еден од најпопуларните рецепти за мусака со спанаќ. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 450 г компири, 1 главица кромид, 250 г спанаќ. ЗА ПРЕЛИВОТ: 4 јајца, 4 лажици кисела павлака, 1 лажичка лук во прав, 1 лажичка прашок за печиво, 150 г тврд кашкавал (моцарела).




ПОСТАПКА: Компирите измијте ги добро под млаз вода, излупете ги и исечкајте ги на средни коцки, како за варење, па префрлете ги во тенџере. Во тенџерето сипете обична вода која ќе ги прелива компирите и посолете со 1-1 1/2 лажичка сол. Вклучете ја ринглата на средна температура и варете ги компирите од 5-7 минути, по зовривањето на водата.




Кога компирите ќе омекнат, се проверуваат со виљушка дали се сварени, па се процедуваат од водата и се оставаат малку да се оладат. Во меѓувреме, додека компирите се варат и се ладат се подготвуваат останатите состојки. Земете една главица кромид и исечкајте ја на ситни коцки. Префрлете го кромидот во тавче во кое сте ставиле малку масло.




Вклучете ја ринглата да се загрее на тивко, па пржете го кромидот во маслото, со постојано мешање, додека малку да омекне. Важно е кромидот да го готвите на ниска температура, за да не изгори. Спанаќот добро измијте го, па исечкајте го на тенки ленти, почнувајќи од дршките. Отстранете ги оштетените делови од листовите (доколку има).




Кога кромидот ќе омекне, додајте го спанаќот во тавчето и со постојано мешање гответе околу 3-4 минути на ниска температура. За тоа време, спанаќот дополнително ќе омекне. Тргнете го тавчето од рингла и оставете малку да се олади, а во меѓувреме подгответе го преливот. ЗА ПРЕЛИВ: Во еден подлабок сад скршете 4 јајца и пенасто изматете ги со жица/маталка.




Во содржината додајте 4 лажици кисела павлака, соединете, па зачинете со малку сол, црн пипер и лук во прав/гранули и додајте 1 лажичка прашок за печиво. Соединете ги состојките во мазна и еднолична смеса. Настрана, изрендајте околу 150 г тврд кашкавал (моцарела или некој по ваш избор) и поделете на половина. Едната половина од ренданиот кашкавал соединете ја со смесата од јајца, зачини и прашок за печиво.




Во подмачкана тава со просечна големина наредете ги процедените компири и убаво распоредете ги, да држат како подлога. Преку компирите прелијте ја смесата со спанаќ и кромид и повторно израмнете.

Врз спанаќот и кромидот прелијте со содржината од јајца, па одозгора наросете ја втората половина од ренданиот кашкавал. Се пече во претходно загреана рерна на 180°C, околу 20 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.