Рецепт на Валентина од Кујната на Валентина Машковиќ. Мултивитамински сок од коприва, лимон, портокал без готвење. Полн е со витамини и минерали, а се подготвува многу лесно и едноставно.

Сокот се подготвува од неколку состојки, а олеснителна околност е тоа што не треба да се готви. Сокот не содржи конзерванси и адитиви и затоа е многу здрав за вас и вашите најблиски.

Овој сок е идеален за првите пролетни денови кога најмногу владеат настинките и грипот. Одличен е за детоксикација на организмот, а бидејќи изобилува со многу витамини и минерали ќе ви даде енергија и добро расположение.

Децата сигурно ќе уживаат во сокот и нема да им биде доста една чаша. Подобро е да го направите овој сок, отколку да купувате од продавница. Од копривата се берат само врвовите пред да процвета.

Потребни состојки: 50 – 60 листови коприва (нема да погрешите ако ставите и повеќе), 1 ќесичка лимонтус, 2 л вода, 1 кг портокали, 1 кг лимон, 1 кг шеќер.

Постапка: Листовите коприва измијте ги добро и оставете ги некое време да отстојат во водата. Во меѓувреме подгответе еден подлабок сад каде што ќе го правите сокот. Откога ќе ги измиете листовите коприва, префрлете ги во подлабокиот сад.

При подготовка и измивање на копривата секогаш користете ракавици, освен во случај ако не сте навикнати како мене да ја миете без ракавици. Во садот со копривата додајте една ќесичка лимонтус.

Лимонтусот ќе помогне во испуштање на течност на копривата. Потоа прелијте ја копривата со ладна вода. Ако сте ставиле повеќе листови коприва, тогаш додајте повеќе вода, само да не се прелива водата над копривата.

Вака подготвената коприва во водата треба да отстои 24 часа во покриен сад. Не го оставајте садот на сонце, туку ставете го на темно и суво место. Измијте ги портокалите и лимоните, а за ја исчистите кората добро, во садот каде што се ставени додајте по 1 лажичка сода бикарбона.

Потоа прелијте ги со вода и оставете ги да отстојат исто толку време како и копривата (24 часа), а за ова време сода бикарбоната ќе ги отстрани пестицидите и штетните материи. При подготовката на сокот се користи и кората од лимонот и портокалот.

После 24 часа, истурете ја водата од лимонот и портокалот и исечете ги на помали парчиња. Јас ги сечев прво на половина, па после на уште една половина, четвртина.

Процедете ја копривата во друг сад низ газа, а остатокот од лисјата сомелете ги заедно со портокалот и лимонот. Може да ја процедите и течноста која ја испуштила копривата во текот на изминатите 24 часа, исто низ газа.

Потребно е состојките да ги подготвувате во поголем сад за да ви собере сè. Сомелете го овошјето кое ви остана. Овошјето кое го изблендиравте потребно е да биде во посебен сад од течноста која претходно ја процедивте од копривата.

А во трет сад, преку газа потребно е да го процедите сокот од сомеленото овошје. Потоа овој сок се додава во водата во која отстоела копривата. На оваа количина, додајте засладувач.

Може да користите бел или кафеав шеќер околу 1 кг на 3 – 4 л сок. Доколку додадете шеќер во сокот, може да го пиете директно, нерастворен. Секако шеќерот може да го прилагодите според вашиот вкус, доколку сакате да е помалку благ.

Бојата на сокот треба да биде светло жолта, но доколку сакате да ја засилите бојата, може да додадете неколку капки масло од портокал во сокот. Овој процес не е неопходен, јас најчесто ја засилувам бојата заради децата.

Откога ќе го ставите шеќерот, мешајте додека да се растопи. Бидејќи сокот е ладен, ќе биде потребно повеќе време додека да се растопи шеќерот. Оставете сокот да отстои на собна температура, ладно место околу 1 час за убаво да се соедини со шеќерот.

Потоа складирајте го во стерилизирани шишиња. Сокот одма се испива бидејќи е многу вкусен. Може да се разредува со вода, по желба. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II Рецепт: Густ сок од јаболка и моркови (џус) – без конзерванси, од 6 кг добивате 20 литри сок

Ова е основната верзија за сокот кој веќе со години го приготвувам. Овошјето го менувам во зависност од сезоната. Може да се комбинира со кајсии, праски, круши, дуњи..

Секој од овие сокови е вкусен, а по вкус и изглед потсетуваат на скапите фруктал-сокови. Сепак овие се домашно приготвени сокови и точно знаете што и колку содржат, колку шеќер сте ставиле и нормално, без конзерванси. Уште ако имате свое домашно, непрскано овошје – полн погодок.

Потребни состојки: околу 5 кг исчистени и излупени јаболка (или овошје според сезоната или комбинација на вкусови), 0,5 – 1 кг моркови (морков ставам само кога приготвувам сок од јаболка, круши, дуњи, поради бојата), 1,5 кг шеќер (може интегрален или ксилотол), лимонска киселина, вода.

Постапка: Овошјето исчистете го и ставете го да се готви. Вода ставете колку да се прекрие овошјето. Истото направете го и со морковот. Морковот го варам посебно бидејќи му е потребно подолго време за да се свари.

Свареното овошје оставете го да излади, а може да додадете и ладна вода за да го скратите процесот. Кога доволно ќе излади ставете го во блендер или соковник, па добро изблендирајте.

Измерете колку сте добиле течност (овошје и вода во која се готвеше), па додајте уште вода за да добиете приближно 19 – 20 литри сок. Додајте 1,5 кг шеќер и околу 80 г лимонска киселина.

Мешајте и пробајте дали ви одговара вкусот, бидејќи секое овошје не е еднакво слатко/кисело. Ставете на оган да зоврие еден клуч, а пената не мора да ја отстранувате.

Во меѓувреме измијте ги шишињата, стерилизирајте ги во врела рерна и пригответе чепови/затворачи. Врелиот сок собирајте го во врели шишиња, затворајте ги и оставете ги затоплени додека да се оладат.

Овој сок иако нема многу шеќер и конзерванси, може да се сочува со месеци без расипување. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска