Oние на кои им е позната оваа торта, знаат дека се нарекува „Мрзлива торта“, а името е произлезено од некои шеговити домаќинки кои немале време за подготовка на десерти, па го осмислиле овој рецепт. Домашното е секогаш повкусно, без разлика дали за подготовката сте потрошиле 5 минути или два дена. Со овој рецепт нема печење и валкање на многу садови. Сѐ заедно се соединува и се премачкува.




Тортата е толку лесна, брза и едноставна, со сигурност многу често ќе ја правите. Се состои од три слоја, а средишниот е овошен. Кој не сака овошни торти, наместо малини, јагоди или банани, може да додаде сечкани крем бананичниња, желе бонбони, јафа кекси или рендано чоколадо. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 500 г шлаг во прав, 500-600 мл газирана вода, 300 г мелени кекси, 300 г овошје по ваша желба или сечкани крем бананчиња/јафа бисквити, 3 супени лажици омекнат еурокрем или капучино по избор. Ќе ви бидат потребни уште 200 г шлаг и 150 мл газирана вода за декорација.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 600 г шлаг во прав, 700 мл газирана вода, 200 г кисела павлака 20% мм, 250 г мелени бисквити, 1 лажица какао во прав, 250 г замрзнати малини, 100 г турски бисквити или некои други по ваш избор, 30 г сечкано чоколадо, малку црно и бело чоколадо за декорација.




Забелешка: Ако поради некоја причина не сакате малини (алергични сте на нив или не ви се допаѓаат), наместо нив, ставете сечкани чоколадни бананчиња (8-10 парчиња или јафа бисквити-ресани) и промешајте ги со шлагот. Сè друго останува исто. Колачот е многу вкусен и на овој начин, па за оние кои сакаат чоколадни бананчиња, ова е подобра варијанта на тортата од овошната.




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Во еден подлабок сад изматете го шлагот со газираната вода и добиената количина поделете ја на три еднакви делови. Снегот кој ќе го изматите треба да биде цврст како снег. Во првиот дел додајте мелена плазма, убаво промешајте со лажица, па распоредете на дното од калапот, претходно обложен со проѕирна фолија. Овој дел е основата. Калапот кој се користи треба да биде со пречник од 23 или 26 см. Калапот треба да биде со флексибилен обрач и да биде обложен со проѕирна фолија.




Во вториот дел промешајте овошје (јагоди, малини, вишни) или сечкани чоко бананчиња. Смесата соединете ја и рамномерно распоредете ја врз првиот слој. Во третиот дел додајте еурокрем или по желба капучино од ванила во прав. Соединете ја смесата и распоредете ја врз овошната смеса.




На крај изматете повторно шлаг со газирана вода и декорирајте ја целата торта. По желба можете одозгора нешто да наросите и да ја оставите тортата да отстои во фрижидер за да може убаво да се стегне пред сечењето. Најубаво е доколку тортата отстои преку ноќ во фрижидер. Потоа сечете ја и послужете ја. Забелешка: Важно е при премачкувањето на секој слој, добро да се натапка, за да не се акумилира воздух. Прочитајте ја постапката и за вториот рецепт:




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ:  Шлагот изматете го со газираната вода. Додајте 200 г кисела павлака и убаво соединете мешајќи со силиконска шпатула или лажица, па уште еднаш изметете со миксер. Кремот поделете го на три еднакви дела, како во првиот рецепт.




Во првиот дел додајте 250 г мелени бисквити и една лажица какао. Измешајте со лажица и убаво соединете. Смесата рамномерно распоредете ја во тркалезен калап бр.24 чие дно е премачкано со путер и калапот е обложен со проѕирна фолија.

Во вториот дел додајте 250 г замрзнати малини и промешајте. Овој крем нанесете го врз првиот и убаво израмнете. Во третиот дел додајте кршени, турски бисквити и сечкано чоколадо. Промешајте и филот нанесете го врз кремот од малини. Убаво распоредете и израмнете.




Тортата оставете ја во замрзнувач еден час убаво да се стегне. Одозгора декорирајте со рендано млечно и бело чоколадо. Извадете го обрачот и отстранете ја фолијата. Деталите за првиот рецепт погледнете ги ОВДЕ.