Многу интересен и декоративен.

Потребни состојки: 600 г брашно, 100 г шеќер, 1 сув квасец (7 г), 50 г омекнат путер, 350 мл млако млеко, 1 јајце, малку сол. За фил: 100 г темно чоколадо, 5 лажици нутела (или друг темен намаз). За премачкување: мармалад по желба

Постапка: на пареа растопете го чоколадото заедно со нутелата. Оставете да излади. Замесете меко тесто од наведените состојки и оставете го на топло да стасува.

Удвоеното тесто развлечете го во кора со форма на правоаголник со дебелина од околу 1 см. Премачкајте ја целата површина со изладеното чоколадо.

Преклопете ја десната страна до средината на кората. Преку десната страна преклопете ја левата страна. Тестото малку развлечете го во ширина.

Преклопете ја горната и долната страна една преку друга. Повторно развлечете во правоаголник, па сечете ленти широки 1-2 см.

Плехот од рерна (33х36 см) обложете го со хартија за печење. Рерната загрејте ја на 180 степени.

Добиените ленти свиткајте ги малку како спирали, па наредете ги една до друга во плегот. Не ги стискајте премногу, бидејќи ќе нараснат во текот на печењето.

Оставете ги во плехот уште 20-тина минути да се удвојат, па ставете ги да се печат околу 15 минути.

Печената кора од спирали извадете ја заедно со хартијата и додека е топла (не врела) обилно премачкајте ја со мармалад по желба. Потоа со помош на хартијата свиткајте ја кората без премногу да притискате.

Изладете, па можете да ја наросите со шеќер во прав или да ја премачкате со мармалад, но изгледа преубаво без никакво декорирање одозгора.