Ја воспевам Твојата милост, Богородице, Ти се молам да го просветиш мојот ум. Научи ме да одам право по патот на Христовите заповеди.

Окрепи ме за да бидам силен во песната што го прогонува сонот на очајанието. Со Твоите молитви, Богоневесто, одврзи ме од синџирите на гневот. Чувај ме дење и ноќе, прогонувајќи ги непријателите што ме напаѓаат.

Ти, Која си Го родила Дарителот на животот, оживи ме мене, умртвениот од страстите. Ти, Која си ја ро­дила светлината што не заоѓа, просвети ја мојата ослепена душа.

О, пречудна Палато на Господа, направи ме да бидам дом на божествениот Дух! Ти, Која си Го родила Лекарот, излекувај ги многугодишните страсти на мојата душа.

Јас сум понесен од брановите на животната бура. Ти се молам, Мајко Божја, да ме насочиш кон патот на по­кајанието. Избави ме од вечниот оган и од лошиот пеколен црвец.

Не дозволувај да станам радост на бесовите, зашто сум вино­вен за многу гревови. О, Пречиста Мајко, об­нови ме мене пропаднатиот, поради моите безбројни гревови!

Помогни ми и моли Го Господарот на сите да отстрани од мене секаква мака. Удостој ме да ја добијам небеската радост со сите светии, Пресвета Дево, послушај го гласот на Твојот недо­стоен слуга.

Давај ми, Пречиста Дево, поток од солзи и измиј ја нечистотијата од мојата душа. Непрекидно Ти принесувам срдечни воздишки – биди милостива, Владичице! Прими ја мојата молитва и принеси ја на милосрдниот Бог.

Ти, повисока од ангелите, помогни ми да се издигнам над светските работи. Светоносна небеска Сенице, осени ме со духовна благодат.

Кревам раце, Пречиста, и ги отворам моите осквернавени усти, за да Те прославам. Избави ме од душепогубни беди и моли Го сесрдно Христа, Кому припаѓа чест и поклонување, сега, секогаш и во вечни векови. Амин.