Ова е едно многу вкусно јадење кое обично се приготвува со кисела зелка и многумина го нарекуваат „растурена“ сарма. Меѓутоа, ова јадење се приготвува со пресна зелка и малку на необичен начин. не треба претходно ништо да се препржува и содржи многу малку маснотии. Сè треба да се исечка и измеша, а потоа треба да се испече.

Ако не сте го пробале, задолжително направете го, ќе бидете воодушевени. Сите оние кои се вегетаријанци, наместо мелено месо може да употребат соини трошки (претходно натопени во вода и исцедени), исто така, јадењето излегува превкусно.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 550 г бела зелка, 2 супени лажици лимонов сок (40 мл), 2 зелени пиперки, 1/2 црвена пиперка, 3-5 чешниња лук, 1 главица кромид, 1 морков, 350 г мелено месо, 1 лажичка сол (10 г), по прстофат разни зачини (црн пипер, ѓумбир, куркума, нане, чили, оригано), 1/2 китка свеж магдонос

И УШТЕ: 2 супени лажици брашно (25 г), 2 јајца, 4 супени лажици млеко (80 мл), 2 супени лажици маслиново масло (40 мл), 1 супена лажица доматно пире (20 г), рендан кашкавал / чедар (30 г).

ПОСТАПКА: Зелката измијте ја и исчистете ја од горните листови, па доколку е голема преполовете ја, вам ви е потребно околу половина килограм бела зелка. Исечкајте ја ситно на ленти како за салата (може и нешто покрупно).

Откако ситно ќе ја исечкате целата зелка, залијте ја со две супени лажици лимонов сок и промешајте ја убаво. Оставете ја зелката на страна да омекне малку додека го приготвувате остатокот од зеленчукот.

Измијте ги, исчитете ги и исцедете ги. Зелените долги пиперки преполовете ги надолжно и попречно, па ситно исечкајте ги. Магодносот (или свеж копар) исто така ситно исечкајте.

Истото направете го со црвената пиперка, лукчето и кромидот, а морковот изрендајте го на крупната страна од рендето. Потоа целиот иситнет зеленчук додајте го во зелката и убаво промешајте за да може рамномерно да се распоредат сите состојки.

Во целата оваа смеса додајте го меленото месо. нема потреба од негово претходно пропржување, па во тоа се состои и убавината на овој рецепт. Сè е едноставно, без дополнителни маснотии и валкање на садови.

Зачинете со една лажичка сол и разни зачини по ваш вкус. Може да ставите по половина лажичка црн пипер, чили, црвен пипер, куркума, ѓумбир, мајчина душичка, нане, оригано или нешто по ваша желба. Додајте две лажици брашно, 2 јајца, 4 лажици млеко, 2 лажици масло и една полна супена лажица густо доматно пире.

Добро промешајте додека сите состојки убаво да се изедначат и соединат. Огноотпорниот сад/плех намастете го, па целата смеса рамномерно распоредете ја и израмнете. Одозгора наросете црвен пипер во прав или кој сака лут буковец. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени додека да добие убава златнокафеава боја.

Извадете го плехот од рерна, наросете рендан кашкавал одозгора, малку сечкан магдонос или друга зачинска билка и вратете го повторно уште половина час додека да се растопи и запече. Оставете малку да подизлади, па послужете. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.