Кај нас на Прочка покрај другите јадења правиме и парено благо. Некои прават кадаиф, шеќер паре, кох, тулумби, македонски колач со гриз и ореви и слично, но ние правиме ваква раванија. Кај сите овие заеднички е шеќерниот сируп-шербетот, а слатките се сочни и неодоливо вкусни.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (За мерење се користи чаша од 200 мл): 1 чаша шеќер, 1 чаша гриз (може ½ гриз и ½ оризово брашно), 1 чаша сечкани ореви (може и лешници), 1 чаша суво грозје, 1 чаша брашно, 1 чаша млеко, 1 чаша масло (јас ставив ½ ), 1 прашок за печиво, 100 г кокос, ½ лимон – сок (или сок од портокал) и 2 јајца




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ШЕРБЕТ (шеќерен сируп): 1 кг шеќер, 1 литар вода и 1 лимон.




ПОСТАПКА: Сувото грозје потопете го во млака вода со малку рум или во сок од портокал и оставете ги 15-тина минути за да се хидрираат. Потоа процедете ги. Во посебен сад измешајте си ги сите суви состојки.




Додајте го и претходно потопеното и исцедено суво грозје (може да го замените со сува брусница). Правоаголна тепсија бр. 36 намастете ја со масло и наросете ја со брашно, а вишокот истресете го.




Јајцата пенасто изматете ги со миксер додека да станат кремасти, а додека непрекинато ги матите постепено додавајте го шеќерот. Матете околу 7-10 минути додека шеќерот да се растопи и да се добие густа, светла и кремаста смеса.




Потоа додајте масло во тенок млаз, млеко, сок од лимон (или портокал), мешајќи бавно со жица или лажица, па додајте ги внимателно и сувите состојки со лесно мешање, односно превртување на лажицата за да остане смесата пенлива.




Вака приготвеното тесто излејте го во приготвениот калап и ставете да се пече во претходно загреана рерна на почетокот на 250 степени, па веднаш намалете на 200 степени и печете 10-тина минути, и на крај намалете на 150 степени и испечете до крај.




Печењето најмногу зависи од вашата рерна како ви пече, па затоа треба да го прилагодите. Оставете го печениот колач да се олади, па потоа исечете го на коцки и прелијте го со врел сируп – шербет. Внимателно преливајте го, за да не ви се одвои горната коричка (значи не од високо и не нагло, туку полека со кутлача).




Приготвување на шербет: измешајте шеќер и вода, па ставете го сирупот на оган да врие околу 10-15 минути, а пред крај додајте неколку исечени парчиња лимон. Ако сакате посветол колач, наместо ореви користете лешници.