Ситните колачи се главниот адут на секоја свечена трпеза, а како што приближуваат славите, време е да осмислите со што ќе ги засладите вашите гости. Покрај задолжителните салати и кифлички, на трпезата треба да имате што поубави, повкусни и разновидни колачи, но и поздрави.

Секој сака да се заслади со вкусен и сладок залак, а уште повеќе доколку колачот не содржи додаден шеќер, па ви го предлагаме овој рецепт за вкусни и здрави ситни колачиња од суво овошје и чоколадо.




Толку се декоративни колачите што сите ќе си мислат дека сте поминале доста време во нивното подготвување, а вистината е дека сите состојки се блендираат, се формира смесата од која потоа се обликуваат колачите. Освен што се вкусни, многу лесно се приготвуваат и многу убаво изгледаат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г суво грозје, 100 г суви кајсии, 60 г ореви, 30 г семки од тиква, 20 г кокос, 20 г сусам, 2 лажици какао, 1 прстофат сол, 1 супена лажица мед, 50 г кекси (без шеќер), 150 г црно чоколадо (без шеќер, со висок процент на какао).




ПОСТАПКА: Во посебни длабоки садови (или еден поголем) ставете ги сувото грозје и сувите кајсии, па прелијте ги со топла вода и оставете ги да се хидрираат и да набубрат 10-тина минути. Потоа процедете ги од водата.




Во блендер ставете ореви, семки од тиква, кокос, сусам, какао и прстофат сол (на врв од лажичката). Добро изблендирајте додека фино да се сомелат состојките. Потоа додајте ги процедените суви кајсии и суво грозје, една супена лажица мед, па продолжете со блендирање.




Кога смесата ќе се изедначи извадете ја во некој посебен сад. Потоа во блендерот сомелете ги кексите (може да користите некои кои не содржат шеќер или какви сакате по вкус), па додајте ги во смесата од овошје. Со рака замесете ја смесата додека целосно да се изедначи. Треба лесно да може да се обликува.




Кинете парчиња од смесата и формирајте топчиња, а потоа направете во средината вдлабнивање и обликувајте ги колачињата како мали кајчиња. Секако, од оваа смеса може да обликувате какви сакате колачиња, но токму овој облик е многу интересен и невообичаен. Формираните колачиња наредете ги врз хартија за печење, а потоа ставете ги во замрзнувач 10-15 минути.




Во меѓувреме растопете го чоколадото на пареа или во микробранова печка, па секое од колачињата потопувајте го во него и редете го врз решетка под која сте поставиле чинија или хартија. Оставете да се стврдне чоколадото, па со преостанатото направете ја декорацијата. Деталите погледнете ги ОВДЕ.