Лекарите ќе ви советуваат, вам или на вашето дете, да ги оперирате крајниците кога имате 5-6 бактериски инфекции на грлото, односно гнојни ангини, кога се зголемени и прават пречки во дишењето.

Третиот крајник се отстранува кога децата имаат хронично воспаление на увото и неколку акутни воспаленија на ушите во текот на годината.

Само во овие ситуации операцијата е нужна и неопходна. Меѓутоа, крајниците не треба да се вадат доколку предизвикуваат само некои полесни тегоби.

Крајниците имаат голема улога во имунолошкиот систем, бидејќи произведуваат антитела и имуноглобулини кои го јакнат имунолошкиот систем.

Студијата која беше објавена во научното списание JAMA Otolaryngology-Head & Neck Surgery открива дека децата на кои им биле отстранети крајниците имаат повеќе здравствени проблеми подоцна во животот.

Научниците утврдиле дека децата на кои им биле отстранети крајниците до нивната деветта година од животот, подоцна трипати повеќе заболуваат од алергии или инфекции на респираторните патишта (астма, грип, воспаление на бели дробови).

Децата на кои им е изваден третиот крајник, двапати почесто заболуваат од наведените болести, како и од конјуктивитис и опструктивни болести на белите дробови.

Со истражување заклучиле и дека проблемите со дишењето и хроничните воспаленија на синусите или увото често се враќаат после операцијата.

“Сите три крајници се дел од лимфниот систем и играат многу важна улога во нормалниот развој на имунолошкиот систем. Исто така, имаат важна улога во препознавањето на патогените во текот на детството.

Затоа, не нè зачудува многу фактот, што нивното отстранување го оневозможува откривањето на патогените. Тоа исто така, го зголемува ризикот од респираторни инфекции и заразни болести” – наведуваат научниците.