Многу е едноставна и брзо се приготвува. Вкусна е, децата ја обожуваат, а и возрасните не се рамнодушни. Пробајте, ќе ви се допадне.

Потребни состојки: 2 пакувања пишкоти (или друг вид на бисквити), 200 мл млеко за натопување на пишкотите, 1 литар млеко за фил, 12 лажици шеќер, 3 пудинг од ванила, 1 лажица брашно, 200-250 путер+маргарин, 24 парчиња манчмалоу, 2 поголеми банани и 200 г шлаг за декорација

Постапка: измешајте 800 мл млеко со 12 лажици шеќер и ставете на оган да зоврие. Трите пудинзи со една лажица брашно изматете ги со 200 мл млеко да нема грутчиња, па постепено со постојано мешање додајте во зовриеното млеко.

Мешајте додека да се згусне филот. Тргнете го на страна додека да излади, а потоа додајте му го путерот кој омекнал на собна температура и заедно изматете ги со миксер.

Од купечките манчмалоу одвојте го долниот дел од белиот дел. Ова направете го со сите 24 колачиња.

Филот поделете го на 2 дела. Едниот оставете го жолт, а во вториот дел ставете го издробениот темен бисквит од сите 24 манчмалоа и изматете за да се изедначи.

Пишкотите натопете ги во млеко и редете ги на тацна, потоа врз нив распредете го темниот фил, па бананите исечкани на тркалца. Врз бананите распоредете го жолтиот фил, а потоа наредете ги манчмалоата во шест редови по четири парчиња.

Изматете шлаг и декорирајте со шприц помеѓу манчмалоата и околу тортата. Се сече на коцки.