Се наближува сезоната на црвеното овошје, па доаѓа редот на подготовка на овој многу вкусен колач. Во секој случај, може да се подготвува со замрзнати бобинки, но вкусот и мирисот на свежите го прават уште повкусен и помирисен. Нема кој не го знае овој вкусен излеан колач кој го правеле нашите баби и мајки.

Кога ви треба нешто брзо и слатко, а сепак лесно, со овој колач нема да згрешите. Покрај тоа, колачот е здрав и не ви треба јајца, брашно, а што е најважно, се подготвува без шеќери. Според оригиналниот рецепт овој колач се подготвува со горенаведените состојки, но со текот на времето, домаќинките ја смислиле здравата верзија на овој колач.

Има вкус на парен колач, иако во него нема шербет. Само се мешаат состојките, а потоа се излева и се става на печење. Нема многу работа, а ни валкање на многу садови. Најчесто се прави со црвено замрзнато овошје (малини, јагоди, цреши, рибизли…), но може да се додаде и некој компот, мармалад или боровинки, дудинки по желба. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 банана, 250 г овесни снегулки, 50 г ореви, 150 мл сок од портокал (свежо цеден), 1-2 лажици засладувач по желба (мед/јаворов сируп), 50 мл масло, 1 лажичка сода бикарбона или прашок за печиво, 200-250 г замрзнати бобинки (мешавина).

ПОСТАПКА: За оваа количина на намирници се користи огноотпорен сад со димензии 20х20 см или слична големина. Доколку имате поголем плех за печење, удвојте ја количината на состојките. Колачот во секој случај излегува многу вкусен и се јаде за брзо време.

Во еден подлабок сад ставете ја бананата, исечкана на помали парчиња. Процедете сок од еден портокал (ако не е сочен, може да исцедите и два портокали). Додајте го сокот во бананата и со рачен блендер измиксајте во еднолична смеса. Бананата може да се испасира и со виљушка, без да останат поголеми грутчиња.

Во блендер ставете 1 чаша овесни снегулки и изблендирајте ги прашесто, како брашно. Додајте 50 г ореви и повторно изблендирајте додека да се соединат заедно со овесните снегулки. Сувите состојки веднаш прелијте ги во бананата и сокот од портокал. Малку промешајте, па додајте ги останатите состојки.

Додајте 1-2 лажици природен засладувач како мед или јаворов сируп. Доколку бананата е позрела, доволно е една лажица, но може и по вкус. Измешајте, па додајте 50 мл масло и 1 лажичка сода бикарбона или прашок за печиво. Добро соединете ја смесата додека да стане хомогена.

Смесата треба да има погуста конзистентност и лесно да се разлева. Излејте во подмачкан огноотпорен сад, малку израмнете и одозгора наредете ги бобинките. Загрејте ја рерната на 180 степени и колачот печете го 40-45 минути. Оставете да се излади, па наросете го со шеќер во прав и исечете го на коцки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.