Многу брз и едноставен РОЛАТ СО ОРЕВИ: Се прави со едноставни состојки, а многу е вкусен, се топи во уста

На многу едноставен начин пригответе вкусен ролат за сечиј вкус. Изматете јајца со уште неколку состојки и испечете нежна кора која можете да ја мачкате со крем во кој сте додале ореви, џем, пудинг или нешто по ваш вкус, па ќе добиете врвен ролат како од најскапата слаткарница. Рецептот ни го испрати нашата драга пријателка Маријана чија видеопрезентација можете да ја погледнете подолу на линкот. Ние го испробавме и се воодушевивме. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 јајца, 5 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г), 4 лажици брашно, 5 лажици мелени ореви, 1 мала лажичка прашок за печиво (5 г), 1 лажица масло, 2 лажици млеко. ЗА ФИЛ: шлаг изматен со 200 мл ладно млеко + 7 лажици мелени ореви + 2 лажици слатка павлака + 2 лажици мед




ПОСТАПКА: Во различни садови одвојте ги белките и жолчките од седум јајца. Во белките додајте го шеќерот и ванилата па изматете со миксер неколку минути додека да добиете цврст снег кој не паѓа од садот. Потоа, додека непрекинато матите со миксерот, започнете една по една да ги додавете жолчките.




Кога едната жолчка ќе се измати во снегот и инкорпорира, дури тогаш додајте ја следната. На овој начин ќе добиете убава кремаста структура. Во изматените јајца додајте 4 лажици брашно, 5 лажици мелени ореви и 1 лажичка прашок за печиво. Изматете со миксерот на најслаба брзина, или рачно со шпатула/маталка, додека да се изедначат состојките, па додајте 1 лажица масло и 2 лажици млеко.




Добиената смеса излејте ја во плех од рерна или малку помал (долгнавест), претходно обложен со хартија за печење. Израмнете и протресете па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 20 (-тина) минути (проверете со чепкалка).




ЗА ФИЛ (предлог): Со една кесичка шлаг крем со вкус на ванила или павлака и 150-200 мл млеко изматете цврст шлаг. Додајте две супени лажици претходно изматена слатка павлака/крем сирење/кисела павлака и седум полни лажици мелени ореви.




Кратко промешајте па додајте две лажици течен мед и повторно изматете со миксерот додека да се соединат сите состојки. Оставете во фрижидер. Во меѓувреме печената кора наросете ја со малку шеќер во прав преку целата површина за да не се лепи при виткањето. Заедно сосе хартијата свиткајте ја кората во ролат.




Ролатот оставете го да се олади во фрижидер, а после половина час повторно извадете го и одвиткајте го. Премачкјате го со приготвениот фил оставајќи по 1,5 см од долгите страни за полесно да се свитка. Оставете малку за декорација.




Внимателно свиткајте го ролатот и префрлете го врз долгнавеста десертна чинија. Одозгора премачкјате го со преостанатиот фил и наросете неколку лажици мелени ореви и рендано чоколадо за декорација.

Ролатот добро изладете го пред послужување. Сечете го на парчиња со дебелина од 1.5-2 см и уживајте во вкусот. Деталите од презентацијата на Маријана можете да ги погледнете ОВДЕ.

Претходна статија4 најлесни рецепти за љубителите на чоколадо, откако ќе ги знаете овие рецепти нема да купувате благо
Следна статијаНАЈБРЗИОТ И НАЈВКУСЕН ПОЈАДОК (ВЕЧЕРА): 20 години го правам по овој рецепт и ниеднаш не ме изневерил