Ова е вкус кој ќе ве врати во детството. Мирисот на оваа пита не може да се заборави. Секој ја прави на свој начин. Јас овојпат ја направив исто како што ја правеше мојата мајка. Ги применив сите нејзини трикови и не променив ништо во рецептот.

Потребни состојки: 300 мл вода, 500 г брашно, 300 г сирење, 2 јајца, 30 г квасец, 50 мл масло, 1 лажица шеќер, ½ лажица сол и 1 лажица маст/путер

Постапка: во еден сад издробете 30 г квасец, додајте една лажица шеќер и 300 мл млака вода. Промешајте со 5-6 лажици брашно, да нема грутчиња и оставете 10-тина минути да се активира.

Во запенетиот квасец додајте 50 мл масло и половина лажичка сол, па промешајте. Постепено додавајте 500 г брашно со постојано мешање.

На крај замесете со рака додека да добиете меко, мазно тесто. Намастете го и оставете го покриено да стасува на топло место додека да се удвои. Издробете околу 300 г сирење. Додајте едно јајце и една белка (жолчката сочувајте за подоцна, за премачкување). Промешајте убаво.

Со маст премачкајте го плехот или огноотпорниот сад во кој ќе се пече гибаницата. Дланките исто така намастете ги, па обликувајте ги погачиците. Направете коричка колку дланката, ставете една лажица фил, па затворете во топче.

Приготвените погачици наредете ги во намастениот сад за печење. Жолчката додајте ја во преостанатиот фил, промешајте, па богато премачкајте ја одозгора питата. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: