За сите љубители на млечното чоколадо… Овој ролат го јадевме на една наша дружба кај другарка, ми се допадна бидејќи не е многу благ и има убав чоколаден фил, па потоа си го направив за роденден, наместо торта.

Иако ви изгледа како да треба многу состојки за да го подготвите, оваа количина е наменета за 12 лица, бидејќи како што кажав, го правев за повеќе луѓе. Согласно на тоа, може да ги намалите количините на половина и ролатот во секој случај ќе излезе многу вкусен. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 7 јајца, 75 г шеќер, 60 г брашно, 5 г сода бикарбона, 1 лажица чоколадо во прав (или какао со малку шеќер). ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 4 лажици загреан џем од кајсии, прстофат сол.




СОСТОЈКИ ЗА ЧОКОЛАДЕН ФИЛ: 400 мл полномасно млеко, 60 г брашно, 30 г густин, 1 лажичка екстракт од ванила или 1 кесичка ванилин шеќер, 75 г шеќер, 4 јајца, по 40 г бело и темно (кафеаво) чоколадо, 225 г путер, собна температура, декорација по ваш избор.




ПОСТАПКА: Сите состојки нека ви бидат на собна температура, минимум 1 час пред подготовка на ролатот. Одделете ги жолчките од белките додека сè уште ладни, за полесно да се одвојат и дури потоа оставете ги да отстојат на собна температура во посебни садови.




Изматете ги белките со прстофат сол и шеќер во цврст снег/шам, па оставете ги настрана, додека го подготвувате останатото. Изматете ги со шеќерот во густа и лесна маса. Измешајте и и просејте ги брашното, чоколадото во прав и сода бикарбоната и додајте по малку во изматените жолчки за да се соедини сè.

На крај рачно и многу внимателно измешајте ја белката во чоколадната маса, со постепено додавање. Белките треба да бидат цврсто изматени, така што кога ќе го превртите садот, тие да не ја менуваат својата положба. За тоа е потребно матење од 5-6 минути, со постепено зголемување на брзината на мксерот.




Лесно попрскајте со малку вода плех од 42х30 см или слична големина и одозгора ставете хартија за печење која сте ја исечкале за да ги покрие дното и страните. Истурете ја изматената маса и израмнете ја. Протресете го нежно плехот на работната површина за да излезат меурчињата од тестото.




Се пече во загреана рерна на 180°C без вентилатор околу 20 до 25 минути или додека горната страна да порумени. Извадете го испечениот ролат и превртете го на кујнска крпа, внимателно извадете го сосе хартијата за печење и завиткајте го во ролат и оставете го да се излади наљ овој начин.




Додека се лади ролатот, загрејте го џемот од кајсии, но внимавајте да биде мазен, без парчиња овошје и оставете го настрана. ЗА КРЕМОТ: Во помала тава ставете 350 мл млеко да се загрее.

Во еден сад изматете ги јајцата со шеќерот, (не се одвојуваат жолчките од белките), додајте 50 мл млеко (претходно одвојувате од целата количина), ванилата и соединетиот густин со брашното. Кога млекото ќе зоврие, истурете ја јајце-масата и варете додека да се згусне, околу 5 минути, постојано мешајќи со жица и внимавајте да не загори.




Тргнете го тенџерето со крем од оган, покријте со проѕирна фолија за да не се формира лушпа на кремот и оставете да се излади. Се мати путерот во пенеста маса и се прелива приготвениот крем кој се оладил, лажица по лажица во путерот и секој пат убаво се мати со миксер за да нема парчиња неизматена павлака.

Доколку сепак ви се случи да имате парчиња, најдобро е таквиот крем да го изматите со миксер и да го оставите да се излади. Кремот поделете го на половина. Стопете ги двете чоколади на пареа или во микробранова печка, но бидете многу внимателни кога ги топите во микробранова печка. Јас ги растопив на пареа.

Едното чоколадо додајте го на половина од едниот крем (да биде бел), а другото во втората половина од кремот (да биде кафеав). Одвиткајте го ролатот и ако сакате можете да ја одделите горната кора од ролатот, јас не го направив тоа. Кората се премачкува со загреан џем од кајсии и се остава 5 минути кората да го впие џемот.

Ролатот најпрво премачкајте го со белиот фил, па кафеавиот фил прелијте го по целиот бел фил и многу внимателно за да не се измешаат филовите. За таа намена, најдобро е белиот фил малку да се остави да се стегне на собна температура од неколку минути. Повторно завиткајте го ролатот и префрлете го во плехот од кој ќе го послужите.

Оставив дел од кафеавиот фил, па го намачкав врз ролатот и го посипав со чоколадни трошки одозгора, за изгледа интересно. Ролатот може да го декорирате по ваша желба. Ролатот најдобро се прави претходната вечер и ќе остане свеж неколку дена во фрижидер, само убаво покријте го со проѕирна фолија. Се сече на парчиња со дебелина од околу 2 до 3 см и се сервира. / Сoolinarka.сom