Откога го пронајдов рецептот за овој колач кој го носи името „перница колач“ веднаш си го запишав за да ми се најде во итни ситуации. Кога ми се најавија роднини од странство дека ќе дојдат на кафе, морав да подготвам и некое благо за послужување, па во брзање го спремив колачот според овој нов рецепт.

Економичен е и многу сочен, сите гости ми го пофалија и рекоа дека вакво домашно благо не јаделе одамна. Се прави брзо и лесно. Вкусот е комбинација од фил од какао бисквит и крем сирење кои се печат заедно. Не сум љубител на крем сирење во слатки комбинации, но во оваа, совршено се вклопува во остатокот од колачот.

Кремастиот намаз не се ни чувствува во колачот, роднините многу се изненадија кога дознаа од што се подготвува. Тој дел од филот го омекнува и го комплетира вкусот на колачот. Еве што ви е потребно за да го подготвите, а во продолжение прочитајте ја постапката:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ПРВИОТ ДЕЛ: 4 белки, 4 лажици шеќер. ЗА ВТОРИОТ ДЕЛ: 4 жолчки, 4 лажици шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 180 г брашно или 8 полни лажици, 2 полни лажици какао, 10 г прашок за печиво. ЗА ТРЕТИОТ ДЕЛ: 400 г крем сирење/намаз од сирење/ситно сирење да не е кисело и солено, 150 г шеќер, 1 јајце, 1 лажица брашно.

ПОСТАПКА: Јајцата оставете ги да отстојат на собна температура. Издвојте ги белките од жолчките, па започнете со подготовка на првиот дел на колачот со белки. Изматете ги белките со шеќерот во цврста и пенаста структура, која е потребно да ја матите неколку минути.

Посебно изматете ги жолчките со шеќерот, па кога шеќерот ќе се растопи, сипете ги маслото и млекото во тенок млаз. Брашното, какаото и прашокот за печиво просејте ги и изматете сè заедно во еднолична смеса. Постепено додавајте ги изматените белки и сè заедно измешајте во хомогена структрура.

Подгответе си обложен плех со хартија за печењем со димензии 33×23 см или слични димензии кои одговараат на оваа количина на намирниците. Излејте ја смесата нежно и распоредете ја во плехот. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени.

Подгответе го третиот дел за колачот така што ќе го измешате сирењето, јајцето, шеќерот и брашното со жица или маталка во подлабок сад. Прелијте ја смесата во готварска кеса или обична кеса и постепено излевајте ја со смесата со какао во тавата.

Направете декоративни линии по желба, во различни правци. Печете 40-тина минути. Проверете го колачот со чепкалка дали е испечен, а потоа изладете го и пред послужување наросете го со шеќер во прав. Послужете на коцки. Деталите погледнете ги ОВДЕ.