Ручекот со месо може да се подготви на милион начини. Прво, подготовката на секое месо е различна. Може да се подготвува во сос, само малку да се запржи, да се похува, да се пече во рерна, а најчесто од меленото месо се подготвуваат ќофтиња кои се јадат самостојно или се ставаат во црвена чорба од доматен сос или во некое друго јадење.

Кај нас почеста е подготовката со говедско мелено месо, поретко со пилешко, иако и на тој начин е многу вкусно. Доколку ви здодеа од класичната подготовка на ќофтиња, пробајте ги овие холандски ќофтиња, полнети со сирење, според рецептот на Валентина. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г мелено месо или по потреба, 4-5 зелени перца млад кромид, 1 главица кромид, 1 морков, 2 благи пиперки, 1 лута пиперка (кој сака), 1 јајце, неколку чешниња лук. Од зачини: сол, сув зачин, црн пипер, зачинет црвен пипер, магдонос, 2 лажици презла, 100 г кашкавал или сирење. За похување: 3-4 јајца, брашно по потреба, се пржат на врело масло.

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го меленото месо. На дрвена кујнска даска исечкајте ги перцата од млад кромид на многу ситно, како да сте ги блендирале во блендер. Исечкајте го и обичниот кромид на ситно, па додајте го зеленчукот во меленото месо.

Морковот излупете го и изрендајте го на најситната страна од рендето. Пиперките исчистете ги од семките и дршката, пресечете ги надолжно на тенки ленти, па исечкајте ги на ситни коцки. Кој сака може да стави и една лута пиперка, а доколку не го сакате пикантниот вкус, додајте уште една блага пиперка.

Посолете, запиперете, додајте сув зачин, црвена зачинска пиперка и останати свежи или суви билни зачини како магдонос. Додајте 1 јајце, 2 лажици презла и неколку чешниња лук, поминати низ преса или ситно исечкани. Зачините се додаваат по сопствен вкус. Измешајте ја смесата со рака, додека сѐ да се соедини еднолично во месото.

Кога ќе соедините сѐ, покријте го садот со месото со стреч-фолија и оставете да отстои 15-20 минути, за презлата да ги апсорбира течностите од зеленчукот. Во меѓувреме подгответе ја смесата за похување. Јајцата изматете ги пенасто, а настрана подгответе го брашното во една чинија.

Ќе ви биде потребно и една кеса или фолија за обликување на ќофтињата. Ставете 2 лажици од смесата со месо на фолијата и со задниот дел на лажицата истенчете во правоаголник со дебелина од половина прст. Кашкавалот или сирењето исечкајте ги на правоаголници-ленти.

Ставете на средина од кашкавалот/сирењето по две или три и со помош на кесата или фолијата завиткајте во ролат. Страните добро прилепете ги за да не истече од филот. Вака подготвените ќофтиња малку наквасете ги во брашното, а потоа во јајцата. На овој начин подгответе ги сите ќофтиња, кои излегуваат џиновски.

Ќофтињата се пржат во длабоко загреано масло, додека да поруменат (7-8 минути). Холандското ќофте одлично одговара со салата која може да ја подготвите од следниве состојки. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СЕЗОНСКА САЛАТА: 1 кромид, 3 домати, 1 краставица, 1 пиперка, 100 г сирење, сол, масло. Деталите од подготовката на холандските ќофтиња погледнете ја ОВДЕ.