Завчера направив обланди бидејќи децата бараа нешто за заблажување, па веднаш ги направив, но ми излегоа премногу и половина ѝ ги подарив на сосетката, бидејќи често ми помага со децата, додека сум на работа. Следниот ден, таа дојде до кај мене и ме праша за смесата за филот, која била направена по нејзин вкус и ме замоли за рецептот.




Филот се прави многу едноставно, а обландите може да ги подготвувате на два начина, едните како ролат, а другите како штанглички. И двата вида се многу добри, а за филот се заслужни две состојки кои го одредуваат целиот вкус. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пакување наполитанки (200 г). ЗА СМЕСАТА: 500 мл вода, 500 г шеќер, 250 г путер или маргарин, 470 г мелени бисквити (плазма), 250 г кокосово брашно, 4 лажици какао. Во филот по желба може да се додадат јаткасти плодови како мелени ореви/лешници/бадеми или основната смеса да се подели на два или три дела и да се направат неколку различни филови.




ПОСТАПКА: Подгответе си едно пакување обланди, така што еден цел лист ќе го завиткате во чиста, кујнска крпа која треба да биде малку влажна, а останатите листови поделете ги на половина. Јас ја искористив само едната половина од 5 листови, а другата ја зачував за наредните денови кога повторно ќе ги подготвувам обландите.




Во едно тенџере сипете 500 мл вода и додајте исто толку шеќер. Ако не сакате многу благо, може да ставите и помалку шеќер. Измешајте и ставете го тенџерето на рингла со средна температура. Кога водата малку ќе се загрее и шеќерот ќе почне да се растопува додајте го путерот, исечкан на коцки.




Со лесно мешање соединете ги состојките додека да се формира еднолична и мазна смеса. Во смесата додајте ги мелените бисквити (плазма) и кокосот. По желба може да додадете и мелени ореви/бадеми/лешници или нешто по ваш избор. Измешајте ги состојките додека да се изедначат. Добиената смеса треба да ја впие целата вода и да биде густа, но лесна за размачкување.




Оставете го филот малку да се олади, па потоа издвојте една третина (тоа е отприлика 3-4 големи лажици). Таа третина од филот поделете ја на помал и поголем дел. Јас во еден сад ставам една лажица, а во вториот останатите 2/3 лажици. Во најголемата смеса и во таа со повеќе лажици распределете го какаото и измешајте. Белата смеса оставете ја за подоцна за филување.




Започнете со филување. Доколку прво ги правите штанглите, распределете го најголемиот дел од филот на 4 еднакви делови и филувајте ја секоја обланда, па израмнете. После секое ставање на нов лист, малку притиснете со рацете. Откога ќе ја направите обландата, ставете врз неа нешто тешко и оставете да отстои неколку часа во фрижидер, додека да се стегне, па потоа исечете ја на штангли.




За ролатот, искористете ја влажната кора. Најпрво премачкајте го темниот фил кој го одвоивте, израмнете, па врз темниот нанесете го белиот фил и повторно израмнете. Со помош на влажната крпа, завиткајте во цврс ролат и оставете го да се стегне во фрижидер, пред да исечете на кругови. Деталите погледнете ги ОВДЕ.