Бисквитните колачи се едни од омилените старински колачи кои нашите мајки и баби ги подготвувале уште многу одамна. Овој олеснителен рецепт не бара многу време за подготовка, ниту пак се пече, па со него заштедувате еден куп време. Покрај основните состојки за бисквитен колач, направете мала измена и додајте неколку јаболка, а резултатот со сигурност ќе ви се допадне.




Доколку сакате колачот да биде уште повкусен, во него додајте и мелени ореви. Јас го имам пробано и со мелени лешници и бадеми, но со ореви ми е највкусен. На вкус е многу лесен и потсетува на јафа колачот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г јаболка (5 јаболка), 5 големи лажици шеќер, 350 г бисквити, 100 г чоколадо, 50 мл млеко, 120 г ореви. ЗА ГЛАЗУРА: 300 мл млеко, 1 пудинг со вкус на чоколадо, 3 големи лажици шеќер и малку мелени биксвити за декорација.




ПОСТАПКА: Измијте ги јаболката, па излупете ги и исчистете ги од семките. Отприлика ќе ви бидат потребни околу 5 јаболка. Следно што треба да направите е да ги изрендате, па да ги складирате во подлабок сад, додека сите да ги подготвите. За јаболката да не потемнат може да им додадете малку сок од лимон, но може и да го прескокнете овој чекор. Лимонот во секој случај дава пријатна цитрусна арома.




Јаболката се префрлаат во нелепливо тавче и се пропржуваат со 5 лажици шеќер додека да омекнат и шеќерот да се растопи. Со повремено готвење и промешување, оставете го тавчето на рингла сѐ додека да се добие кашеста смеса со слична конзистентност како пире.




Кога ќе го подготвите филот од јаболка, тргнете го тавчето настрана, а потоа во друг сад на рингла растопете го чоколадото скршено на коцки заедно со малку млеко. Направете фина чоколадна смеса која подоцна ќе ја соедините со пирето од јаболка.




Во меѓувреме ситно искршете ги бисквитите и прелијте ги со чоколадната глазура, а одозгора додајте го пирето од јаболка и 120 г мелени ореви. Потребно е добро да ја измешајте смесата за да се соединат сите состојки, можеби ова ќе биде најтешкиот дел бидејќи смесата е тврда и потешко се меша.




Изедначената смеса префрлете ја во кружен или квадратен калап со флексибилен обрач и на дното поставете хартија за печење. Земете една чаша и притиснете ја за да се израмни смесата низ целата површина на калапот. Калапот е потребно да биде со стандардна големина, но може и мал, во тој случај основата ќе биде повисока.




Сепак каков и да имате калап, не е важно бидејќи овој колач не се пече, па не прави некоја разлика големината, освен во изгледот. Направете ја глазурата од 300 мл млеко измешано со чоколаден пудинг и малку шеќер. Мешајте на рингла со умерена температура додека пудингот да се згусне и ја добие потребната конзистентност.




Потоа премачкајте ја глазурата врз кората од колачот. Колачот ставете го во фрижидер добро да се стегне неколку часа или преку ноќ, што подолго-толку поубаво, а потоа пред послужување наросете го со плазма или декорирајте го по ваша желба.