Ако имате дома пластична-зип кеса, не чекајте и пригответе ги најмеките пржени мекици според овој рецепт. Многу лесно и практично, не треба да извалкате ниту садови, ниту вашите раце, бидејќи тестото буквално се меси преку кесата. За овој метод малкумина знаат, а многу е лесен и едноставен.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 350 г брашно, 200 мл топла/млака вода, 100 мл топло/млако млеко, 1 полна супена лажица шеќер, 1 полна мала лажичка сув квасец (1/2 кесичка), 1 мала лажичка сол. И уште: длабоко масло за пржење на мекиците (мин 2 см).




ПОСТАПКА: Отворете ја зип кесата па во неа ставете една полна супена лажица шеќер, една полна мала лажичка сув квасец, една чаша (200 мл) топла вода, половина чаша (100 мл) топло млеко. Затворете ја кесата и малку протресете ја за да се измешаат состојките и да се раствори квасецот.




Повторно отворете ја кесата и внимателно истурете 360 г брашно и една мала лажичка сол. Затворете ја кесата и месете го тестото преку кесата околу 4-5 минути додека убаво да се изедначат состојките и да нема суви грутчиња од брашното.




Кога тестото ќе го измесите, положете го врз даска или работна површина и поминете со прстите преку целата површина за да се уверите дека не останале грутчиња. Одозгора покријте го со крпа и оставете го на топло место да стасува околу еден час за да ферментира убаво.




После еден час стасување ќе забележите дека кесата малку е подуена од активираниот квасец и ферментираното тесто полно со меури. Истата постапка можете да ја скратите доколку кесата ја оставите во загреана/млака рерна на 30 степени.




Во широка тава ставете масло 2 см да се загрева на умерена температура. Кесата отворете ја и дозволете му на воздухот да излезе. Потоа повторно затворете ја кесата, истиснете го тестото од едниот агол и со ножици пресечете околу 1 см.




Потоа истиснувајте од кесата топчиња со посакувана големина и сечете ги со кујнски ножици. Со лажица натопена во маслото притиснете ги малку мекиците одозгора и пржете ги по неколку минути од двете страни додека да добијат убава златна боја. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.