Рецепт на Ана. После цела година испробување на разни комбинации од брашна и методи за печење на леб, конечно сум задоволна и со вкусот и со изгледот на лебот. Овој леб е многу здрав за јадење, особено за сите оние кои имаат проблем со цревата и општо со целиот дигестивен тракт. Диетален е и совршен за сите.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 г свеж квасец (1/2 коцка, 500 мл млака вода, 500 г хелдино брашно, 1-2 лажички сол (по вкус), 1 лажичка малтекс-јачменов слад (маџун, јаворов сируп или 1 лажица шеќер), 3 супени лажици маслиново масло, мелено ленено семе




ПОСТАПКА: Вклучете ја рерната да се загрева на најниската температура (кај мене на 30 степени) за да стасува тестото во неа. Во помал сад ставете 250 мл млака вода, па во неа изронете половина коцка свеж квасец и растворете една лажичка малтекс.




Промешајте додека малтексот и квасецот да се растворат и оставете 5-10 минути да се запени. Во подлабок сад ставете го брашното, направете вдлабнување а околу наросете сол (солта да не е во директен допир со квасецот при стартувањето). Во вдлабнувањето ставете го растворениот квасец.




Мешајте со лажица, соединете ја смесата, па додајте го остатокот од млаката вода и маслиновото масло. Сето убаво промешајте го. Смесата не се меси со рака затоа што е доста потечна од вообичаеното тесто за леб.




Садот со замесеното тесто поклопете го со капак или чинија, па ставете ја во млаката рерна да стасува околу половина час. За тоа време пригответе го калапот во кој се пече лебот. Тоа обично е правоаглест длабок калап кој треба да се намасти со путер и да се нароси со мелено ленено семе, на дното и на ѕидовите од садот.




После половина час извадете го садот од рерна, па со помош на намастена шпатула префрлете го тестото во подготвениот калап. Земете едно парче алуминиумска фолија, па исто така намастете го со путер од едната страна и поклопете го калапот со тесто. Вратете во млаката рерна да стасува уште половина час.




По изминатото време извадете го садот од рерна, па зголемете ја температурата на 250 степени и оставете добро да се загрее пред да го ставите лебот да се пече. Извадете ја фолијата, па ставете го лебот да се пече.




После 20 минути намалете ја температурата на 200 степени и печете уште 25-30 минути. Печениот леб извадете го од рерна, оставете малку да се подизлади, па префрлете го на решетка за целосно да се олади. Рецепт на Ана / Сооlinarika.com