Одличен сочен колач со кокос без масло кој е готов за неколку минути. Сите го обожаваат поради неговата сочност и е главна атракција на трпезата. Дечињата едвај чекаат да го јадат и се нестрпливи додека да стигнеме до десертот.

Во продолжение прочитајте два проверени и одлични рецепти. Првиот рецепт е поекономичен, но запишете си го и вториот рецепт за „кокос коцки“ кој е многу кремаст и пробајте го во некоја друга пригода.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 100 г кокос, 200 мл вода, 6 јајца, 150 г шеќер, 250 г брашно, 1 лажичка прашок за печиво. ЗА ПРЕЛИВ: 100 г бело или црно чоколадо, за наросување одозгора малку кокос, 300 мл млеко.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 4 јајца, 12 лажици шеќер, 12 лажици брашно, 1 прашок за печиво, 100 мл масло, 100 мл млеко, 1 лажица какао. ЗА ФИЛ: 500 мл млеко, 3 лажици брашно, 10 лажици шеќер, 100 г кокос. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо за готвење и 5 лажици масло.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во еден сад попарете 100 г кокос со 200 мл врела вода. Промешајте и оставете да излади. За тоа време одвојте ги белките од жолчките. Прво изматете ги пенасто белките со постепено додавање на 150 г шеќер. Миксајте додека да добиете цврст снег, а шеќерот да се истопи.




Во снегот од белки започнете да ги додавате една по една жолчките. Матете додека убаво да се соедини. Миксерот повеќе не ви треба повеќе. Во смесата од јајца додајте просеано 250 г брашно и една лажичка прашок за печиво.




Внимателно промешајте со лажица или жица за матење за да остане смесата воздушеста. Потоа, додајте го и натопениот и набубрен кокос и уште еднаш промешајте. Плех со димензии 33х25 см (може и малку поголем плех, колачот ќе биде понизок), многу малку намачкајте го со масло а потоа и набрашнете го, па излејте ја смесата и рамномерно распоредете.




Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 35 минути. Ако користите поголем плех, тогаш печењето е пократко. За прелив: Во 300 мл млеко ставете 100 г бело чоколадо, па загрејте на многу тивок оган додека да се растопи чоколадото. Оставете го малку да излади.




Печениот колач додека е топол прелијте го со изладениот прелив и почекајте да се впие. Одозгора наросете со кокос, па можете да сечете и послужите. Во продолжение прочитајте ја постапката од вториот рецепт:




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Јајцата пенасто изматете ги со шеќерот додека тој да се растопи, а тие да се згуснат. Додајте масло и млеко, па кратко измиксајте. Посебно измешајте го брашното со прашокот за печиво, па соединете го со претходната смеса од јајца.

Фото и рецепт: Марина Мишкиќ

Кога убаво ќе се изедначи смесата, поделете ја на два еднакви делови, а во едниот дел додајте какао и промешајте. Плех со димензии 21х36 см намастете го и наросете го со брашно, а вишокот истресете го. Делот со какаото распоредете го во плехот и ставете да се пече во загреана рерна на 170 степени, 10 минути. Додека се пече бисквитот пригответе го филот.

ЗА ФИЛОТ: Во еден сад измешајте брашно и шеќер со малку млеко, а остатокот од млекото ставете го на оган. Кога ќе зоврие тргнете го настрана и додајте го разматеното брашно. Вратете на умерен оган и со постојано мешање варете го кремот додека да згусне (да се појават меурчиња). Тргнете го настрана и додајте го кокосот.

Откако ќе го извадите бисквитот од рерна, преку него распоредете го филот. Преку филот распоредете го преостанатиот светол дел од смесата за бисквитот. Вратете во рерна да се допече уште околу половина час.

Фото и рецепт: Марина Мишкиќ

Печениот колач оставете го да се олади. За глазура растопете го чоколадото со маслото, малку оставете да подизлади па прелијте ја преку колачот. Деталите од целата постапка од првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а од вториот рецепт ОВДЕ.