Крајниците се специјализирани лимфни јазли сместени во усната празнина и гркланот и се дел од имунолошкиот систем. Со оглед на тоа дека устата и почетниот дел на дишните патишта се најчестите влезни врати на микроорганизмите во организмот, може да се каже дека крајниците се првите одбранбени линии на организмот од инфекции.

При воспаление, крајниците отекуваат и стануваат црвени, а на нивната површина се појавуваат валкано бели точки – воспалителен ескудат. Воспалението е придружено со болки во грлото и отежнато голтање, како и со општи симптоми на воспаление како покачена температура, болки во мускулите и зглобовите и сл. При посилни инфекции доаѓа и до зголемени и на допир болни лимфни јазли на вратот кои може да се палпираат од надвор.

Што предизвикува воспаление на крајниците?

Најчест причинител бета-хемолитичен стрептокок, но како причинители може да се јават и други бактерии и вируси. Инфекцијата се шири преку капки од фарингеален секрет, па за спречување на ширењето неопходно е да се покрива устата при кивање и кашлање, како и да се мијат рацете повеќепати во денот. Ризикот од инфекција е поголем во затворени простории каде престојуваат повеќе лица.

Како се лекуваат воспаленијата на крајниците?

Лекувањето на воспаленијата на грлото и крајниците зависи пред сè од клиничката слика, возраста и општата состојба на болниот. Бидејќи често се работи за вирусни инфекции, треба да се почне со симптоматска терапија и доволен внес на течности.

Антибиотска терапија треба да се зема само по препорака на лекар, откако ќе се утврди со микробиолошка анализа (брис од грло) дека се работи за бактериска инфекција. Особено треба да се внимава доколку се потврди дека инфекцијата е предизвикана од бета-хемолотичен стрептокок од групата А.

Тогаш е неопходна антибиотска терапија со адекватен антибиотик и во времетраење пропишано од доктор. Некои билки можат да помогнат во борбата против крајниците и други инфекции на грлото.

Супа од лук или кромид

Против воспаленото грло и крајници можете да се борите со помош на домашна супа приготвена од кромид или лук. Мал совет: додавајте зачини кои содржат витамин Ц во супата, како што е лимоновиот сок, и некои лути зачини како што е ѓумбирот или црниот пипер, кои се многу ефикасни против болки во грлото.

Жалфијата е добар антисептик

Жалфијата е најдобра билка кога станува збор за воспаление на крајниците и грлото. Поточно, испирање на грлото со чај од оваа билка честопати препорачуваат и лекарите за да се направи дезинфекција на усната шуплина. Богато е со танин, супстанција која го смирува и релаксира ткивото, па затоа претставува добро средство кога станува збор за воспаленија. Покрај тоа, жалфијата е позната по своите антисептички својства.

Агруми и витамин Ц.

Витаминот Ц кој се наоѓа во агрумите е одлична помош во лекувањето од стрептококи, кои честопати предизвикуваат воспаление на грлото. Витаминот Ц го стимулира имунолошкиот систем да лачи поголеми количини на макрофаги (специјализирани бели крвни зрнца задолжени да се борат со бактериите), кои ги уништуваат стрептококите. Покрај агруми, јадете слатки црвени пиперки кои изобилуваат со овој витамин (многу повеќе отколку лимоните).

Каранфилче и мед

Еден од најдобрите природни лекови за лекување на воспалени крајници кај деца и возрасни е следнава комбинација: зовријте 100 мл вода со 5 каранфилчиња, па кога малку ќе се олади, додајте една лажица мед и сок од еден лимон. Повторете го ова три пати во текот на денот и воспалението брзо ќе се смири.