Денес ќе прочитате за една посебна билка-цвет, Арника, за нејзините лековити својства, делување и рецепт за посебна домашна маст.

Маслото од арника стана многу популарно поради своите својства за ублажување на болка. Ова масло претставува одличен додаток во алтернативната медицина, особено ако сте склони на модринки и дислокација, шинувања на зглобовите.

Освен чај, маст, масло гел и балсам, билката арника се користи и во други облици како што се парфеми, лосиони, шампони против првут, креми и многу други препарати на билна база.

МАСТ ОД АРНИКА

Маста од арника е органски природен производ кој помага во лекувањето на тегоби предизвикани од лоша циркулација.

Во народната медицина се цени уште многу одамна. Домашна маст од арника може да се направи по следниот рецепт.

Потребни состојки:

2 лажички пчелин восок (од аптека или пчелар)
2 лажички шеа путер (од продавница за здрава храна, супермаркет)
2 лажици масло од арника (од аптека, билна аптека)
1 лажица бадемово масло (од аптека или супермаркет)
1 капсула витамин Е

Постапка:

На пареа или на многу тивок оган растопете го пчелниот восок, па додадете го путерот и бадемовото масло.

Сите состојки добро измешајте ги, па кога ќе се изедначат тргнете го садот на страна. Додадете арника и течен витамин Е, уште еднаш промешајте и прелијте во тегличка. Кога ќе излади затворете ја теглата и чувајте ја во фрижидер.

МАСЛО ОД АРНИКА

Кога станува збор за масло, арниката се препорачува само разредена, бидејќи освен што е моќен лек, таа може да биде и отровна.

Во разреден облик арниката штити од инфекции и ги намалува изгорениците. Многу професионални спортисти користат препарати од арника за ублажување на болка од повреди.

Поради несовесно и често берење, билката арника стана заштитена билка, па затоа најдобро е секој да си ја посади во својот двор или градина.

ЗДРАВСТВЕНИ БЕНЕФИТИ ОД МАСЛОТО

Маслото од арника се состои од речиси 50% масни киселини, вклучително линолеинска, палмитинска и миристинска киселина. Содржи и посебно соединение кое може да предизвика алергиска реакција кај чувствителни лица. Токму затоа, арниката не е предвидена за користење кај сите лица.

Се користи само за надворешна употреба и има силно противвоспалително дејство кое може да биде корисно во ублажување и лекување на болести и состојби како што се:

-болки во мускулите и ревматски болки
-шинувања, модринки и отоци
-убоди од инсекти
-акни
-губиток на коса
-поттикнува работа на дишни органи, срце и крвоток
-помага при површински воспалени вени
-нагмечувања
-повреди од пад
-гнојни воспаленија на прсти
-чиреви и акни на кожа.

Клиничките истражувања потврдуваат дека маслото од Арника или арника гел во локална примена може да ублажи болки кај остеоартритис. Маслото од Арника исто така стимулира проток на бели крвни ѕрнца, со што се намалува згрутчувањето на крвта.

ДАЛИ Е БЕЗБЕДНО МАСЛОТО ОД АРНИКА?

Маслото од арника е најдобро да се применува локално, да не се вдишува и да не се применува без консултација на лекар.

Таблети и капсули кои содржат мала количина од арника, обично не предизвикуваат нуспојави. Се препорачува маслото од арника да се користи разредено со друго базно масло, бидејќи кај некои лица може биде пресилно и да предизвика: забрзана и неправилна работа на срцето, вртоглавица, тремор, слабост и повраќање, ититација на дигестивен тракт.

Маслото од арника не се препорачува да се користи во подолг временски период, бидејќи може да предизвика иритација на кожата. Не се препорачува за чувствителни лица, бремени жени и доилки.

КРЕМ ОД АРНИКА

Кремот од арника со нежна масажа се нанесува врз повредената кожа. Се употребува само по потреба. Кремот од арника може да го користат сите типови на кожа и сите возрасти.

Помага кај следните состојби:

-смирува и ја хидрира сувата и испукана кожа на рацете и нозете
-освежува после спортски активности
-поттикнува микроциркулација во нозете
-делува против хемороиди и повреди.

Не се нанесува на отворени рани, а треба да се внимава да не дојде во допир со слузокожа и очите.

ГЕЛ ОД АРНИКА

Се користи за освежителна масажа, а често и како дополнителна терапија за воспалени мускули. Гелот од арника може да се нанесе и после зголемен телесен напор. Пријатно ја разладува кожата, брзо се впива и не ја масти кожата.

Гелот од арника е одличен за спортска масажа. Не се нанесува директно на отворена рана, не се препорачува за трудници, доилки и пречувствителни лица.