Мантиите се еден вид пита со месо. Имаат фантастичен вкус а за да се направат е потребен малку поголем труд, но секако дека се исплаќа!

​Потребни состојки: 500 мл млака вода, 1 мала лажичка сол, 850 г брашно, 700 г јунешко мелено месо, 2 главици кромид, 4 полни лажици маст или путер, 100 мл масло, 1 лажица сув зачин, ½ мала лажичка црн пипер

За полевање одозгора: 500 мл кисело млеко и 1 главица лук (или помалку, по вкус)

Постапка: Во 750 г брашно додадете сол, малку промешајте со рака, па налејте вода и месете рачно. Измесете мазно тесто. Потребно е тестото да биде добро измесено.

Поделете го тестото на 5 еднакви делови, а секоја топка да има отприлика по 250 грамови. Топките прекријте ги со кеса и крпа и оставете да отстојат околу 30-60 минути, во зависност од топлината на просторијата, но никако помалку од 30 минути.

​За тоа време, исечкајте го кромидот, додадете го меленото месо, сувиот зачин и пиперот, па измесете со рака. Стопете го путерот со маслото на силен оган. Кога ќе проврие тргнете од оган. Мора да проврие за да можат путерот и маслото да се соединат.

​Кога тестото е одморено, секоја топка поединечно треба да се развлече во кора со дијаметар од отприлика 20 см и секоја да се премачка со 2-3 лажици од стопеното масло. Редете ги корите една врз друга, претходно намачкани.

​Ставете една кора, премачкајте, па ставете врз неа друга кора, премачкајте, и така до петтата кора која не треба да се премачкува.

Одозгора посипете со брашно, преку масата ставете некој памучен чаршав, па и него посипете го со малку брашно. Ако работите директно на масата, без чаршав, тогаш посипете малку повеќе брашно, за да не се лепи кората.

​Развлечете со оклагија колку што можете, а тогаш продолжете да тегнете со раце, до ивиците на масата. Кога ќе ја развлечете кората, исечете ги краевите што висат од масата, а задебелувањата отстранете ги со нож.

​На ивицата ставете по цела должина 1/5 од филот и малку испрскајте со маслото. Завиткајте еден круг околу месото, па исечете, така да добиете тенка и долга ролна. Постапката повторувајте ја до крај со останатото тесто и месо.

Потоа, од секоја ролна, сечете мантии со должина од по 3-4 см. Премачкајте го плехот (35 см) па редете ги во круг исечканите квадратчиња, мантиите. Премачкајте ги со остатокот од маслото (доколку сакате, не мора). ​Додека ги редите мантиите, рерната вклучете ја да се загрее на 250 степени.

Ставете да се пече додека да порумени. Исечкајте го лукот ситно и измешајте го со киселото млеко. Кога мантиите се испечени и уште топли, прелијте преку нив со оваа смеса, и оставете ги уште 10 минути поклопени со друга тепсија, за да се впие. Уживајте!