4 рецепти за обланди по рецепт на Слободанка Бошевска – Ристовска. ,,Драги домаќинки, сигурна сум дека уште од детството се сеќавате на вкусните ситни задоволства за кои сте морале да чекате да дојде денот на славата, именденот или некој празник, па да ги пробате ситните колачи, оние што преостанале од гостите.” – започнува Слободанка во својата книга ,,Ситни колачи.”

I рецепт: Фигаро обланди

Потребни состојки: 3 кори за обланди, 600 г шеќер, 300 г путер, 300 г сечкани ореви, 8 жолчки, 2 ќесички ванилин шеќер.

Подготовка: Прво се подготвува гријаж од 300 г шеќер, кој се топи на рингла без вода во прикладен сад и кога ќе се добие боја на килибар се прелива врз подмачкан плех шербетот.

Откога смесата ќе се излади, се меле во машина за мелење ореви. Во друг сад на тивок оган заедно се варат жолчките, преостанатите 300 г шеќер, путерот и ванилиниот шеќер додека смесата да се соедини и згусне.

Отога ќе ја подготвите смесата, во неа се додаваат претходно исечканите ореви и гријажот и веднаш се филуваат обландите. По желба може да се прелијат со глазура од чоколадо. Забелешка: Правило е овие обланди да се сечат на ”штангли.”

II рецепт: Пишингер обланди

Потребни состојки: 250 г путер, 400 г шеќер во прав, 250 г чоколадо, 4 белки, 100 г пропржени мелени лешници, 1 ќесичка ванилин шеќер, 1 пакување обланди. За прелив: 100 г чоколадо за готвење, 50 г шеќер во прав, 2-3 лажици млеко.

Подготовка: Путерот се мати пенасто со 275 г шеќер во прав, потоа се додава 150 г стопено и малку изладеното чоколадо, а смесата се мати уште малку со миксер додека да се изедначи. Во оваа смеса се додава претходно изматениот снег од белки со 125 г шеќер, ванилиниот шеќер и мелените лешници.

Со овој крем се премачкуваат сите обланди освен последната, која се прелива со преливот од чоколадо. За прелив: Чоколадото се топи на тивко со 50 г шеќер во прав и 2-3 лажици млеко.

Кога смесата ќе се изедначи и чоколадото ќе се стопи, се промешува и веднаш се прелива преку последната обланда, се израмнува подеднакво со долг нож и целиот колач се остава во фрижидер да се стврдне. Пишингер обландите обично се сечат на 2,5×10 цм.

III рецепт: Млечни обланди

Потребни состојки: 1 пакување обланди, 500 г млеко во прав, 250 г кристал шеќер, 2 мали шолји вода, 250 г маргарин.

Подготовка: Од шеќерот и водата се прави шербет и се вари точно 4 минути откако ќе почне да врие водата. Пред да се тргне тенџерето од рингла, се додава маргаринот, исечкан на тенки парчиња, се промешува во шербетот да се стопи, па се додава млекото во прав и со миксер се мати додека да се хомогенизира смесата.

Ако филот е премногу тврд за премачкување, се додава уште малку млако млеко па веднаш се премачкуваат корите за обланди, претходно попрскани со малку млеко. Врз обландите се става некој тежок предмет за убаво да се залепат една со друга и по неколку часа може да се сечат.

IV рецепт: Мамини обланди

Потребни состојки: 6 јајца, 300 г шеќер, 150 г чоколадо, 250 г маргарин/путер, 1 пакување обланди.

Подготовка: Јајцата се матат со шеќерот и се варат на пареа. Кога смесата ќе почне да се згуснува се додава изренданото чоколадо (додека да се стопи0, па смесата се промешува и се остава да се излади.

За тоа време, маргаринот пенесто се мати, па во него се додава лажица по лажица од претходно направената смеса и се продолжува со матењето додека да се добие крем смеса. Со овој крем се премачкуваат корите обланди, а над нив се става хартија (за печење) и некој тежок предмет да се соединат добр. Откога ќе се стегнат, може да се сечат на „штанглици“ или коцки. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска