Фотографија и рецепт на Нелика

Ова е навистина брзински и многу вкусен хот-дог кој најдобро го приготвува мајка ми.

Потребни состојки: 500 г брашно, 1 коцка свеж квасец, 100 мл масло, 250 мл вода или млеко, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сол, 1 јајце за премачкување, сусам за наросување и варени виршли

Постапка: квасецот растворете го во млака вода, додајте му една лажичка шеќер и една лажица брашно, па промешајте да се изедначи. Оставете го 10-тина минути на топло додека да се активира и запени.

Брашното просејте го, додајте му лажичка сол, 100 мл масло, активираниот квасец, па со остатокот од млаката вода замесете убаво мазно тесто.

Оставете го да стасува околу половина час додека да го удвои волуменот. Виршлите малку сварете ги, а доколку се поголеми пресечете ги (приближно ви се потребни 14 парчиња за оваа количина тесто).

Потоа тестото тенко развлечете го, исечете го на ленти, па виршлите спирално завиткувајте ги. Одозгора премачкјате ги со матено јајце и наросете ги со сусам. Ставете ги да се печат во загреана рерна на 180 степени, околу 20-30 минути.

Напомена: Лентите сечете ги приближно на 2 см ширина со 10-15 см должина, виршлата ставете ја на почетокот од лентата, па започнете да ја завиткувате со тестото, но накосо, за да се добие спирална ролна.

Може да ви излезат и 16 кифли, а виршлите да ги сечете на половина, значи вкупно 8 големи виршли. Можете да ги виткате и како кифли ако развлечете тркалезна кора, па да сечете на триаголници, тоа е по ваш избор.