Сите си имате свој рецепт за еклери, ама овој рецепт е стандарден и ако ги следите инструкциите, нема да погрешите. Многу вкусни! Фотографија и рецепт на Снежана Димитрова




Потребни состојки: 250 мл вода, 150 мл масло, 1 прашок за печиво, 150 г брашно, 4 јајца. За фил: 2 пудинг од ванила, 750 мл млеко, 10 лажици шеќер, 75 г путер и 80 г шеќер во прав. За чоколадна глазура: чоколадо за готвење со 2-3 лажици масло




Постапка: 250 мл вода и 150 мл масло се ставаат на оган да зоврие. Потоа се трга на страна и се додава 150 г брашно измешано со еден прашок за печиво. Се меша додека да се добие хомогена смеса која се одвојува од ѕидовите на тенџерето и се формира во топка.




Добиеното тесто се остава да излади целосно, па потоа во него се додава едно по едно јајце. Кога ќе се додаде јајцето се мати со миксер со продолжетоци за тесто или пак, се меси со рака додека јајцето целосно да се впие во тестото. Потоа се додава следното јајце и се повторува додека да се потрошат сите четири.




Со помош на мало лажиче се вади од тестото и се става на плех обложен со хартија. Еклерите се печат во претходно загреана рерна на 200 степени додека да заруменат. Додека се печат еклерите, никако не смее да се отвора вратата за да останат крцкави и да не „паднат”.




Фил: 2 пудинзи од ванила се варат во 750 мл млеко со 10 лажици шеќер. Кога ќе ја добие потребната густина, се трга на страна и се остава да излади. На страна се мати путерот со шеќер во прав, па во него постепено се додава изладениот пудинг и заедно убаво се миксаат додека да се изедначат.




Печените и изладени еклери се сечат на половина и се филуваат. Одозгора можете да ги наросите со шеќер во прав или да ги полиете со чоколадна глазура.




За глазура: Едно чоколадо за готвење искршете го на коцки, и на пареа растопете го со две-три лажици масло. Фотографија и рецепт на Снежана Димитрова / Од Македонска кујна, некогаш и денес.