Рецепт и видео прилог на: Брзи Домашни Рецепти – Пиперки за зима. Направете здрава зимница со највкусните македонски пиперки на брз и едноставен начин. За постапката има видео прилог под пишаниот рецепт.

Потребни состојки за 1 тегла: 10-11 пиперки везенки, 1 морков исечен на тркалца, 2 лажици сечкан магдонос, 2 лажички сечкано лукче, 2 лажички сол, 1 лажичка шеќер, 50 мл бел оцет 9% и ладна вода.

Постапка: Пиперките добро измијте ги под млаз ладна вода, па исцедете ги. Направете по две-три дупки во секоја пиперка со врвот на остар нож. Магдоносот измијте го и ситно исечкајте го. Лукот излупете го, па и него ситно исечкајте го.

Ставете неколку пиперки во стаклена тегла, еден грст трклаца од моркови, малку магдонос и лук. Повторете ја постапката додека целосно да се исполни теглата. Ако пиперките се долги и не ги собира во теглата, тогаш пресечете ги на половина.

Кога ќе ги наполните теглите, завршете со сечкан магдонос и лук, па одозгора ставете две лажички сол, една лажичка шеќер, 50 мл алкохолна киселина (бел оцет) 9% и дополнете со ладна вода. Водата треба да биде до врв, односно да го прекрива зеленчукот.

Затворете ги теглите со метални капаци и ставете ги во тенџере со вода (на теглите да им стасува до половината, а на дното од тенџерето ставете крпа) и варете ги на умерен оган околу половина час.

Кога ќе зоврие водата внимателно со заштитна ракавица и крпа извадете ги од водата и превртете ги врз капаците. На овој начин ќе се вакуумираат. Оставете ги да изладат и вашата зимница е спремна.