Понекогаш од секојдневно мислење што да се зготви за ручек имаме недостиг на идеи, а долгото готвење со часови во кујната ни доаѓа преку глава. Колку и да ни се јаде нешто вкусно, а сепак брзо, не можеме лесно да се досетиме на таков оброк. Следниот рецепт е токму за оние кои сакаат да подготват нешто брзо и лесно, а сепак да не валкаат многу садови.




Нема некој што не е љубител на тестенини особено кога ќе се подготват со некој вкусен сос кој е кремаст и добро го апсорбираат. Важно е само при подготовката да не ги преварите, туку да бидат зготвени според времето кое е напишано на кесичката.




Професионалните готвачи секогаш го даваат истиот совет: водата од тестенините е тајната на убавиот вкус. Секогаш зачувувајте си од водичката и додајте ја во сосот, а тој веднаш ќе стане покремаст. Исто така, тестенините по варењето не треба да се плакнат со ладна вода, бидејќи таа го „пере“ вкусот.




Наместо да го правите тоа, исцедете ја водата од нив и пренесете ги тестенините директно во тенџерето, каде што ќе продолжат да се варат уште неколку минути и ќе ги апсорбираат сите оние прекрасни вкусови. Тестенините не бараат многу внимание при готвењето, но не треба ниту да ги игнорирате.

Потребно е да ги мешате одвреме навреме за да бидете сигурни дека не се залепени и дека се готват подеднакво рамномерно.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 мл маслиново масло, 2 чешниња лук, 50 г шунка, 200 мл неутрална течна павлака за готвење (хопла), 10 г сол, прстофат црн пипер, 60 г топено сирење („зденка“) – отприлика 3-4 зденки, 2 литри вода, 250 г тестенини, 30 г пармезан, магдонос за наросување.




ПОСТАПКА: во тавче на средна температура додајте го маслиновото масло заедно со ситно исечканите чешниња лук и почекајте да се загрее. Шунката исечкајте ја на тенки коцки како за салата и ставете да се запржи во маслото заедно со лукчето. Кога шунката ќе потемни додајте ја хоплата, заедно со зачините сол и црн пипер.

кратко запржете ја сланината на сува тава




Кога хоплата малку ќе се загрее во неа додајте ги зденките и почекајте да се растопат со повремено промешување. Во тенџере ставете 2 литри вода и почекајте да зоврие. Во зовриената вода додајте ги тестенините (макарони) и оставете ги да се варат 10 минути или по упатството на кесичката. По варењето, макароните додајте ги во сосот и сè заедно промешајте.




Макароните послужете ги со одозгора наросен пармезан и магдонос. Може да ги направите за ручек или вечера, сите ќе бидат воодушевени. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте неколку совети за како правило се готват макарони:




За тестенините да имаат богат и сочен вкус, потребно е веднаш штом ја ставите водата да зоврие, да ставите и неколку лажички сол. За да процените колку сол ви е потребно, пробајте малку од водата, а таа треба да има вкус на морска вода.




Ставањето масло во водата во која се варат тестенините е голема грешка која сите некогаш сме ја направиле. Ова е доста погрешно, советуваат професионалните готвачи бидејќи тестенините ќе станат подебели, а сосот нема доволно да се впие во нив. Откога ќе се сварат тестенините, исцедете ги и тогаш додајте малку путер или маргарин во нив. Следниот пат кога ќе готвите тестенини, заборавете на маслото.