Рецепт и видео презентација на Том Филос – Пита со сирење. Сите македонски рецепти се вкусни и познати во регионот, а една од најпознатите пити е токму сеченицата, уникатниот македонски тутманик или како што уште се нарекува во прилепскиот крај – копишмиде.

За да го приготвите тестото ќе ви бидат потребни следниве состојки: 600 г брашно, 1 лажица сол, 1 лажица шеќер, 10 г сув квасец и млака вода (околу 400 мл). Уште ќе ви биде потребно малку масло за наросување на корите и урда или ситно сирење за филување, како и една жолчка помешана со една лажица масло за премачкување на питата.

Постапка: Во малку млака вода додадете една лажица шеќер и сувиот квасец. Промешајте добро за да се растопи шеќерот. Во брашното додадете ја солта и промешајте. Направете вдлабнување, па додадете го растворениот квасец и со постепено додавање на млака вода замесете убаво средно меко, но мазно тесто кое се одвојува од ѕидовите на садот.

Доколку имате миксер за тесто, само ставете ги сите состојки и оставете машината убаво да го измеси тестото. Измесеното тесто покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло да стасува околу половина час, додека да го удвои волуменот. Стасаното тесто истресете го на работна површина и малку премесете го, колку да формирате валјак.

На тој начин полесно ќе го поделите на три еднакви делови. Од секој дел формирајте топка. Покријте ги тестата со проѕирна фолија и оставете ги да одморат 15 минути. Големиот плех од рерна намастете го со малку масло преку целата површина. Потоа од секое тесто развлечете колку што можете потенка кора.

Одозгора наросете ја со масло и урда или ситно сирење. Започнете со диплење на кората: двете страни преклопете ги кон средината, а одозгора и нив наросете ги со малку масло и урда. Потоа доближете го плехот покрај кората (за точно да ја одредите должината), па подвиткајте ги двата спротивни краеви.

На овој начин ќе добиете праволагона кора со димензиите на плехот во кој ќе се пече питата. И овие делови од кората малку наросете ги со масло и урда. Уште еднаш здиплете ја кората, па добиениот ролат ставете го во намастениот плех. Постапката повторете ја и со двете други теста, а здиплените ролати наредете ги еден до друг во плехот.

Вака приготвената пита поклопете ја со проѕирна фолија и оставете ја на топло да стасува половина час за да го зголеми волуменот и да стане воздушеста пред печењето. После половина час премачкајте ја со изматена жолчка и малку масло и ставете да се пече во преходно загреана рерна на 220 степени околу 25 минути или додека убаво да зарумени. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Бонус рецепт – Секој која ја пробал оваа пита се воодушевил – сеченица по старински рецепт. Лисната погача со сирење прва се разграбува од масата зошто сите ја сакаат поради посебниот вкус, мирис и мекост. За приготвување на оваа вкусна пита ќе ви бидат потребни следните состојки:

550-600 г брашно, 200 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер, 5 лажици масло (50 мл), 2 јајца, 1 полна лажичка сол (зависи од сирењето, по вкус), 100 г маргарин, 250 г тврдо сирење, јогурт за премачкување и сусам за наросување. Постапка: Во подлабок сад ставете 200 мл млака вода, 20 г свеж квасец, 1 лажичка шеќер и малку брашно.

Промешајте за да се соединат состојките, па оставете на топло 10-тина минути за да се активира квасецот. Во активираниот квасец додадете две јајца, 50 мл масло, 1 лажичка сол или во зависност од сирењето (ако не е доволно, додадете уште половина лажичка сол).

Промешајте додека да се изедначат состојките, а потоа постепено започнете со додавање на 550-600 г брашно. На почетокот мешајте со лажица, а потоа замесете го тесто со рака додека престане да се лепи. Замесеното тесто оставете го покриено да одмори 10-15 минути.

Растопете 100 г маргарин, а 250 г тврдо сирење издробете го ситно. После 10-15 минути тестото поделете го на 10-12 топчиња. Секое топче развлечете го во кора со величина на чинија, намастете ја со растопениот путер и наросете ја со сирење.
Врз неа ставете нова кора и повторете ја постапката.

Секојпат кога ја додавате новата кора малку притиснете ги краевите, а потоа и целата погача. На тој начин погачата малку ја развлекувате. Последната кора не ја премачкувате. Намастете со маргарин тепсија бр.32-34 па префрлете ја погачата во неа и уште малку развлечете ја со тапкање со помош на дланките.

Исечете ја на коцки или триаголници. Покријте ја и оставете ја да одмори 15 минути. Потоа премачкајте ја со јогурт и одозгора наросете ја со сусам. Печете ја околу половина час во загреана рерна на 200 степени додека убаво да зарумени. Целата постапка можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.