Летни лазањи со состојки што ги имате во вашиот фрижидер, едноставни, многу брзо се приготвуваат, а доста сочни и многу вкусни. Ова може да стане ваше редовно јадење, бидејќи секој може да си го прилагоди рецептот по сопствен вкус – Тамара.




Потребни состојки: околу 350-400 г листови за лазања (ова најмногу зависи од големината во калапот во кој ќе го печете јадењето), 400 г шунка исечена на тенки листови, 300 г кашкавал (гауда или по ваш вкус), 150+50 г за наросување пармезан, 700 мл млеко, 5 лажици брашно, прстофат вегета, сол, црн пипер, мускатно оревче…




Постапка: најпрво пригответе го бешамел сосот. Во посебен лад истурете го ладното млеко, па со постојано мешање растворете го брашното во него, да нема грутчиња (ова може и по обратен редослед да го направите, односно во брашното да го додавате млекото).




Потоа додајте сол и зачинете по вкус со сув зеленчуков зачин (вегета), црн пипер и мускатно оревче. Тенџерето ставете го на рингла и започнете да го загревате на умерена температура со постојано мешање (најдобро со жица маталка).




Кога ќе зоврие, во смесата додајте ги оние 150 г рендан пармезан. Мешајте додека да се растопи и инкорпорира во млекото, па тргнете го садот на страна. Огноотпорниот сад намастете го со масло за готвење или со путер.




РЕДЕТЕ: еден ред листови лазањи, па прелијте ги со топлиот бешамел сос, потоа наредете листови шунка и рендан кашкавал (може и тој да биде во листови сечен, како вам повеќе ви одговара).




На овој начин продолжете со редење додека да ги потрошите сите состојки. Горната кора премачкајте ја со бешамел сосот што ќе преостане, наросете со уште малку кашкавал и оние 50 г пармезан што ви преостанаа.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути. Послужете го јадењето исечено на коцки, ладно или топло, секако е убаво. Сервирајте и некоја зелена салата и чаша црно вино. / Тамара / Сооlinarika.com. Ако сте го пропуштиле одличниот рецепт за лазањи со тиквички, останете на НМД.мк и прочитајте го следниот рецепт:




Ваков ручек би можела секој ден да јадам! Лазањи со тиквички – Многу вкусно јадење, се топи во уста.

Потребни состојки: 1 кг тиквички, 500 мл млеко, 4 лажици путер, 3 лажици брашно
2 јајца, сол, црн пипер, мускантно оревче, 100-150 г кашкавал, 60-80 г пармезан и околу 12 готови коризи за лазањи




Постапка: Од брашното, путерот и млекото направете бешамел. Кога ќе згусне, тргнете го на страна сосот да излади, а потоа во него промешајте едно по едно јајце и зачинете со мускатно оревче, сол, црн пипер, а на крај додадете рендан кашкавал (гауда).




На дното од огноотпорен сад наредете кори за лазањи (обично претходно малку ги варам а сега не го сторив тоа и супер излегоа, побрзо и поедноставно), па преку корите наредете тиквички тенко исечени на тркалца или ленти (или изрендани, не треба да ги солите), па одозгора нарендајте малку пармезан.




Прелијте со малку бешамел сос и продолжете на истиот начин додека да ви се потрошат намирниците. Оставете барем 1 час да отстои пред печење (за да можат корите да го впијат бешамел сосот и сокот од тиквичките.

Завршниот слој оставете да биде кори од лазањи, бешамел и пармезан. Ставете да се пече околу 45 минути на 180 степени. Оставете 10-тина минути да излади малку пред сечењето. Послужете топло (а вкусно е и кога ќе излади). Рецептот со фотографии од постапката го имаме ОВДЕ.