Нането (Mentha piperita) особено поволно делува на дигестивниот систем и ги остранува тегобите во стомакот. Билката нане со своите состојки ги олеснува грчевите кои се последица на камен или песок во жолчката, ги смирува грчевите во желудникот и цревата, ја намалува кашлицата, настинката, мачнините, подуеноста во стомакот.

Содржи полифеноли, флавоноиди и тритерпенски киселини, кои помагаат во смирување на воспалителните процеси во организмот. Етеричното масло од билката нане делува и како аналгетик (ги смирува болките), и поради тоа може да се користи и како локален анестетик, дејство поради кое се користи за опуштање на мускулите.

Билката е добар извор на разни минерали, на прво место калиумот. Потоа на калциумот, железото, магнезуимот и манганот. Од витамини ги содржи C, E, K, B6, A и бета каротен. Во топлите летни денови, чајот од нане се користи како освежителен напиток, но покрај тоа може да го употребиме како зачин во многу безалкохолни коктели.

ДИВО НАНЕ – Дивите врсти на нане (Mentha arvensis и други), како и питомите, се користат за подготвување вкусен и здрав чај, кој помага при многу заболувања. Чајот од дивото нане е корисен при главоболка, стомачни тегоби, несоница, општа слабост и малаксаност, настинка и кашлица.

Во народната медицина дивото нане се покажало како природен лек при: стомачни заболувања, заболувања на дишните патишта, нервоза, болести на жолчните патишта, цревни заболувања, болести на црниот дроб итн. Дивото нане во исхраната може да се употребува и како зачин и често се додава во многу јадења, бидејќи го подобрува варењето на храната.

ЛЕК ЗА КИСЕЛИНИ ВО ЖЕЛУДНИКОТ – Билкарот Мартин Најдовски има еден многу едноставен и достапен лек за овој проблем, кој делува инстантно. За него ви е потребно диво нане (може и питомо). Еве го рецептот: “Се меле во машинка за кафе диво нане суво.

Кога ќе се направи прав, се собира во теглички. Наутро на гладно по 1 кафено лажиче нане, се става во уста и со малку вода се голта, потоа се земаат уште две голтки и со секоја голтка се плакне устата од остатокот што можеби се залепило за забите и се голта.

Киселината моментално ја снемува, ако не можете наутро, тогаш во моментот кога ќе добиете тегоба веднаш направете го ова. За 21 ден ќе си го решите проблемот со киселини. Истото може да се направи и со питомо нане. Овој концентрат работи моментално!” – вели Најдовски. Доколку имате прашања во врска со билките или неговите рецепти, можете да го прашате на неговата страница Лилма.