Фотографија и рецепт на Вишња Вишња. Потребни состојки: 6 јајца, 6 лажици шеќер, 6 лажици брашно, 3 лажици какао и ½ прашок за печиво. За фил: 1 литар млеко, 9 лажици брашно, 5 лажици густин, 9 лажици шеќер, 100 г бело чоколадо, 250 г путер и малку шеќер во прав

За преливање: 300 мл вода и 100 г шеќер. За глазура: 100 г чоколадо, 2 лажици масло, 1 лажица путер и 5 лажици млеко

Постапка: За тесто: пенасто изматете ги шесте јајца со шест лажици шеќер, а потоа додадете 6 лажици брашно и 3 лажици какао. Промешајте ја смесата да се изедначи и излејте ја во намастен и набрашнет плех со величина од 20х35 см. Доколку сакате да имате потенка кора, тогаш преполовете ја количината.

Печете во загреана рерна на 180 степени и проверете со чепкалка кога е готова. Печената кора оставете ја на страна да излади. За прелив ставете 300 мл вода и 100 г шеќер на оган да зоврие и да се растопи шеќерот. Со врелиот прелив полијте го изладената кора и оставете повторно да излади.

За фил: одземете малку од 1 литар млеко а остатокот заедно со 9 лажици шеќер ставете го на оган. Добро изматете 9 лажици брашно, 5 лажици густин, да нема грутчиња, па кога ќе зоврие млекото тргнете го на страна и додадете ја смесата со постојано мешање додека да згусне.

Додека е топол кремот во него додадете 100 г бело чоколадо искршено на коцки и промешајте додека да се растопи и соедини. Тргнете го на страна да излади. Пенасто изматете 250 г путер со малку шеќер во прав, колку полесно да се размати, па соединете го со изладениот крем. Измиксајте ги заедно за да се соединат.

Кремот нанесете го врз изладената кора, па одозгора прелијте го глазурата (на тивок оган растопете и соединете 100 г чоколадо, 2 лажици масло, 1 лажица путер и 5 лажици млеко). Пред послужување добро изладете го во фрижидер. Пробајте го овој фил со бело чоколадо, многу е убав и вкусен.

Фотографија и рецепт на Вишња Вишња