Ова е одлична пита со просо, спанаќ/блитва, праз и јајца. Ако досега не се го вклучиле просото во вашата исхрана, време да започнете, многу е здраво. Рецептот навистина заслужува да се повтори.

Потребни состојки: 150 г просо, 1 китка блитва или две раце спанаќ, 1 страк праз, 3 јајца, сол по вкус, 2-3 лажици масло, сусам, ленено семе и други семки по желба за наросување

Постапка: Просото добро измијте го и сварете го во вода во однос 1:3. Блитвата или спанаќот добро измијте ги и ситно исечкајте ги. Не треба да се варат. Празот исчистете го, па и него ситно исечкајте го. Не треба да се пржи претходно.

Јајцата изматете ги со виљушка, па додадете го просото. Убаво промешајте, па додадете го исечканото зелје и праз. Уште еднаш промешајте да се изедначи, посолете и зачинете по вкус.

Во смесата додадете и 2-3 лажици масло, па излејте ја плех со средна големина обложен со хартија за печење. Одозгора наросете со сусам и ленено семе или семки по ваша желба. Ставете да се пече на 200 степени околу 25 минути или во зависност од вашата рерна.