Рецепт на Силвана од Силванина Кујна. Ладен небо колач кој се топи во уста. Овој колач се подготвува за многу кратко време, а верувајте не сте пробале досега толку сочен и кремаст колач како овој.

Се подготвува многу лесно и едноставно, само следете ги упатствата и колачот ќе се најде на вашата трпеза за половина час. Домашните ќе уживаат во вкусот, а сите ќе ви бараат рецепт бидејќи е превкусен.

Потребни состојки: 7 лажици шеќер, 3 ќесички ванилин шеќер, 7 лажици брашно, 7 жолчки, 700 мл млеко, 250 г путер. За првиот слој: 7 белки, 7 лажици шеќер, 7 лажици просеано брашно, 200 мл млеко. За шлагот: 300 мл слатка павлака, 2 лажици шеќер во прав.

Подготовка: Во тенџере ставете 7 лажици шеќер, па додајте ги трите ќесички ванилин шеќер и 7 лажици брашно. Промешајте ги состојките со жица, а потоа додајте ги седумте жолчки, повторно промешајте и на крајот постепено додавајте го млекото.

Постојано мешајте ја смесата додека го додавате млекото и да добиете течна, малку густа форма без грутки. Потоа префрлете ја смесата во тенџере ако ја приготвивте во друг сад, па ставете го тенџерето на рингла со средна температура.

Постојано мешајте додека да се свари кремот и да згусне, а потоа тргнете го садот од оган и врз кремот поставете проѕирна фолија за да не се формира коричка. Оставете го настрана да се излади. Во меѓувреме, започнете да го подготвувате првиот слој на колачот.

Во сад изматете ги седумте белки со миксер. Кога ќе добиете пенаста структура, постепено додајте 7 лажици шеќер и матете додека да се растопи и да добиете цврст и сјаен снег.  На крај додајте 7 лажици просеано брашно. Промешајте со лажица или шпатула и убаво соединете ја смесата да останете како шлаг.

Во тава, претходно намастена и наросена со брашно (или обложена со хартија) рамномерно распоредете ја подготвената смеса и израмнете ја површината. Во претходно загреана рерна, печете на 150 степени околу 25 минути. Бисквитот е потребно да остане бел.

Додека се пече, во тенџере загрејте 200 мл млеко до вриење. А откога ќе се испече тестото, топлото млеко полијте го врз печената кора, рамномерно да впие на сите страни. Тргнете го настрана плехот и започнете со подготвување на следниот слој.

Во сад, додајте 250 г путер и со миксер разматете го додека да добие покремаста форма. Во овој сад додајте половина од изладениот крем кој на почетокот го приготвивте и продолжете да матите со миксерот додека да се изедначи и стане мазен.

Втората половина од кремот додајте го дури кога првата половина ќе биде добро изматена со путерот. Повторно соединете ги сите состојки (на овој начин се добива многу убав мазен и воздушест крем). Вака подготвената смеса се распоредува врз кората и се измазнува површината.

Во друг сад, за последниот слој од колачот додајте 300 мл слатка павлака и 2 лажици шеќер во прав и изматете ја смесата со миксер додека да стане хомогена. Оваа смеса, исто како и претходната распоредете ја како краен слој на колачот, подеднкаво на сите страни.

Со задната страна од супена лажица, натапкајте ја површината на колачот за да формирате „бранови“ и на овој начин ќе се добие интересна декорација. Потребно е колачот да се лади во фрижидер 4-5 часа за добро да се стврне и да се соединат сите слоеви.

Потоа исечкајте поголеми коцки од колачот и послужете. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска