Ќе ви претставиме два рецепти за крцкав и многу вкусен помфрит, од кој во првиот рецепт компирот се пржи во длабоко масло, а во вториот рецепт тој се пече во плех обложен со хартија. И во двата случаи помфритот е многу вкусен, а не бара некој посебен труд или посебни вештини за приготвувањето. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (рецепт 1): 1 кг компир исечен на долги стапчиња, 10 г сол, 20 г бел и црн пипер или по вкус, 10 г слатка црвена мелена пиперка, 10 г лута зачинска пиперка, 20 мл масло, 1 кесичка сув квасец (6-10 г), 10 мл воса. ЗА ВАЛАЊЕ: 200 г пченкарен скроб/нишесте/густин, 10 г сол, 10 г црн пипер, 20 г црн и бел пипер, 10 г слатка пиперка, 10 г лута пиперка




ПОСТАПКА: Одберете цврст компир кој нема знаци за ‘ртење и измијте го добро под млаз ладна вода за да се отстрани земјата и прашоците со кои обично ги наросуваат за да им се продолжи рокот. Потоа излупете го, па повторно измијте го.




Додека се лупат другите компири, веќе излупените ставајте ги во некој сад со ладна вода за да не потемнуваат. Потоа врз цврста даска исечете ги на тенки стапчиња и повторно ставајте ги сад со ладна вода. Кога ќе завршите со сечењето, истурете ја таа вода, исплакнете ги и налијте нова ладна вода. Оставете ги да отстојат 15 минути во водата.




За тоа време пригответе го преливот: Во еден длабок сад ставете едно јајце и додајте ги сите зачини. Може да додадете и некој зачин по ваш вкус, но да биде во мелена форма, во прав. Додајте го и маслото, па фино изматете додека сите состојки да се изедначат. Квасецот растворете го во малку вода па и него додајте го во смесата.




Откако добро ќе ја изедначите смесата со квасецот, исцедете ги компирите од вишокот вода и додајте ги во садот со приготвениот прелив. Нека биде што поширок садот за да можете убаво да ги измешате и сите компири да се нафатат со зачините.




Во посебен сад измешајте го пченкарниот скроб/нишестето со сите зачини. Маринираните компири валајте ги во оваа прашкаста смеса, истресете го вишокот и спуштајте ги во умерено загреано масло. Пржете ги додека да добијат убава златна боја, па вадете ги со решеткаста лажица.




Доколку сакате да ги печете во рерна, пригответе ја следната марината: измешајте две белки, додајте половина лажичка сол, црн пипер, црвен пипер и зачини по ваш вкус.

Во оваа смеса натопете ги компирчињата, па наредете ги во еден слој во плех обложен со хартија. Печете ги во загреана рерна на 220 степени додека да заруменат. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.