Фотографија и рецепт на Оска. „Ова е рецепт на баба ми која одамна не е меѓу нас, но нејзините рецепти уште долго ќе ги памтиме. Кога ги правам овие крофни, ме фаќа носталгија и се сеќавам на детството и неделниот ручек, после кој доаѓаа овие мирисни и топли крофни.“ Еве што е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 коцка свеж квасец (40 г), 1 лажичка шеќер, 1 прстофат сол, 1 рака маст, 2 жолчки, околу 600 мл млеко, 800-900 г брашно, 2 лажици шеќер и по желба лимонова кора или малку ракија. За прелив: 500 мл млеко, 4 лажици шеќер и по желба ванилин шеќер или рум




ПОСТАПКА: Иситнете го квасецот во топло/млако млеко и додајте лажичка шеќер. Добро промешајте додека квасецот да се растопи, па прелијте во садот со просеано брашно. Оставете 10-тина минути додека да се активира и запени.




Додајте ги останатите состојки и замесете меко тесто кое не се лепи на раце. По потреба додајте уште брашно. Малку намастете го тестото со масло за да не се суши, покријте го со стреч фолија или кеса, па оставете го на топло место без провев да стасува додека да се удвои.




Потоа тестото премесете го на набрашнета работна површина и развлечете го во кора со дебелина од 2-3 см. Сечете со тркалезен калап за крофни со пречник од 8 см. Крофните редете ги во тепсија, една до друга. Тепсијата не е потребно да се намастува.




Остатокот од тестото премесете го и повторете ја постапката или ако сте ја пополниле тепсијата можете да направите пита, полнети лепчиња или нешто по ваша желба. Тестото е убаво и погодно за разни печива.




Крофните се оставаат на топло место покриени со кеса за да можат малку да стасаат и да пораснат. За тоа време загрејте го млекото со шеќерот додека тој да се растопи. За една тепсија потребно е половина литар млеко.




Со топлото млеко се прелеваат сите крофни и малку се протресува тепсијата за да испливаат (не треба да бидат залепени за дното). Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180-200 степени околу половина час.




Температурата за печење е нешто што секој мора според својот шпорет да ја прилагоди. Кога ги печам во еден друг шпорет, користам од 150-170-180 степени. Така и вие прилагодете ја температурата, треба да биде средно/умерена.




Додека се печат крофните многу нараснуваат. Се послужуваат топли со една лажица џем, нутела или некој друг сладок крем одозгора. Може да се наросат и со шеќер во прав. Овие крофни ги правам во текот на целата година, моите деца многу ги сакаат, а и ние секако. / Фотографија и рецепт на Оска / Coolinarika.com