Рецепт и видео презентација на CooKing – Кремасто задоволство со кокос и кекси – за 15 минути е готов, а никој не може да му одолее. Колачот се приготвува толку лесно и брзо, што може и дете да го направи. За да го направите потребни се вашите омилени состојки: пудинг од ванила, кекси и кокос!

Потребни состојки: 500 мл млеко, 40 г пудинг со вкус на ванила, 10 г ванилин шеќер, 2-4 лажици шеќер или по вкус, 210 г кекси (плазма или по ваш избор) и 3 лажици кокосово брашно. За декорација ќе ви биде потребно: кокосово брашно и некое рендано чоколадо по ваш избор.

Постапка: Во едно тенџере ставете 400 мл млеко и ставете го на рингла да се загрева на умерена температура. Во посебен сад ставете 40 мл прашок за пудинг со вкус на ванила (1 кесичка), 10 г ванилин шеќер (1 кесичка) и 2-4 супени лажици шеќер (шеќерот по ваш вкус додадете го).

Промешајте ги сувите состојки да се изедначат, па додадете 100 мл млеко. Добро измешајте за да нема грутчиња, па добиената смеса додадете ја во тенџерето со зовриеното млеко. Тргнете го малку на страна, намалете ја температурата, па продолжете да го варите.

Мешајте постојано додека пудингот да се свари и згусне (внимавајте да не ви загори). Сварениот пудинг претурете го во посебен сад и оставете го 5 минути да се подизлади, со повремено промешување. Потоа додадете 3 супени лажици кокосово брашно и промешајте.

Кокосот брзо ќе ја впие влажноста од топлиот крем.Веднаш откако ќе ја промешате смесата додадете и 210 г кршени кекси (плазма бисквити или некои по ваш избор). промешајте додека тие рамномерно се распоредат во смесата.

Земете помал калап, долгнавест, потесен а длабок, за ролати или печење леб, па обложете го со проѕирна фолија. Во него излејте ја целата смеса и убаво распоредете ја подеднакво на сите страни. Добро натапкајте одозгора за да не останат воздушни простори.

Покријте го колачот со фолија и одозгора, па ставете го во фрижидер да се лади за убаво да се стегне, а кексите да омекнат, во времетраење од 3-5 часа. По изминатото време колачот превртете го врз тацна за послужување и отстранете ја фолијата од него.

Одозгора обилно наросете го со кокосово брашно, а потоа и со рендано чоколадо по ваш избор. Вашиот колач е спремен за сечење и послужување. Секој залак од овој вкусен колач – се топи во уста. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Најбрзата банана торта: Мешаш, филуваш и ја јадеш за 15 минути

Брза, евтина и количински доста излегува, а ќе го воодушеви секој што ќе ја проба. За да ја приготвите оваа превкусна торта со банани ќе ви бидат потребни само 15 минути. пробајте и уверете се! Рецепт и видео презентација на Гурман ТВ – “Брза Банана Торта”

За подготовка на тортата ќе ви бидат потребни следните состојки: 600 г банани, 3 кесички шлаг во прав, 400 г кекси по ваш избор, 100 мл млеко. Потоа, 125 мл млеко, 2 кесички шлаг во прав, 50 г бело чоколадо, 50 г темно чоколадо. Откако ќе ја приготвите тортата, треба да отстои во фрижидер 2 часа за да се стегне.

Постапка: Во еден сад ставете го млекото, кратко натопувајте ги биксвитите во него, една по една и редете ги калап или плех со димензии 24х24 см. Во друг подлабок сад ставете ги излупените банани и со помош на виљушка испасирајте ги (или користете блендер).

Во пирето од банани истурете три кесички шлаг пена во прав и добро измиксајте со електричен миксер додека смесата да стане кремозна и воздушеста. Ставете третина (три-четири полни лажици) од кремот врз подлогата од биксвити и рамномерно распоредете и израмнете.

Откако ќе го израмните филот, одозгора наредете уште еден ред биксвити, исто така, претходно по малку натопувани во млекото. Ставете повторно три-четири лажици од кремот, рамномерно распоредете и израмнете ја површината. Наредете и трет слој бисквити.

Секоја бисквита кратко натопете ја во млекото за да омекне. Одозгора нанесете повторно три-четири лажици од кремот, рамномерно распоредете и израмнете. Наредете четврти ред бисквити (малку натопени во млеко), па целиот колач оставете го во фрижидер да се олади еден час.

За тоа време бисквитите ќе омекнат убаво, а кремот ќе се стегне. После тоа време изматете го шлагот за декорација од 125 мл ладно млеко и две кесички шлаг во прав. Обложете ја целата торта со шлагот, а одозгора декорирајте ја со по 50 г рендано темно и бело чоколадо.

Вака приготвената торта вратете ја во фрижидер да се олади уште еден час. За побрзо можете да ја ставите 15-тина минути во замрзнувач. После тоа време можете да ја пресечете и да ја послужите. Сите детали од постапката за приготвување можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.