Рецепт на Валентина од Кујната на Валентина Машковиќ. Кора за секоја пита – Се подготвува за час, а може да се користи за масна и посна пита, на наједноставен начин добивате домашна пита која заслужува 10.

Нема домаќинка која не сака да направи своја, домашна кора за пита. Можеби сучењето кори понекогаш изгледа тешко и не ви успева секој пат, но оваа кора се развлекува многу едноставно и можат да ја подготват дури и оние кои немаат искуство во кујната.

Јас од ова тесто подготвив 2 пити. Едната ја подготвив посна со праз и кромид, а во другата сочував малку од празот и додадов сирење, така што втората пита е масна.

Потребни состојки: 600 г брашно, сол и вода по потреба. Водата се додава постепено на собна температура додека се замесува тестото. Тестото се замесува од овие 3 состојки, а питата може да ја направите посна и масна, како сакате.

Постапка: Во поголем сад додајте 600 г брашно. Може и 700 г ако правите 2 пити, јас ставив нешто помеѓу. Сол се додава по потреба, јас ставив 2 кафени лажички сол. Водата која треба постепено да ја додавате во садот потребно е да биде на собна температура.

Тестото е многу меко и воздушесто. Значи вода додавајте по потреба сè додека да формирате тесто кое е соединето и не се лепи меѓу прстите. Прво замесете го тестото во сад, а потоа префрлете го на рамна набрашнета површина и уште малку продолжете со месење.

Месете го во форма на валјак и откога добро ќе го замесите поделете го на 4 делови. Од овие делови добивате 4 кори за пита. Околу 200 – 220 г е секој дел. Потоа земете пластичен плех за торта (правоаголен) или каков имате.

Набрашнете го пластичниот плех. Може и да го намастите со масло, но јас тоа не го правам. Замесете ги уште малку топчињата (деловите) кои ги поделивте, ставете ги на набрашнетиот плех и покријте ги со проѕирна фолија да отстојат најмалку 30 минути.

 Ако просторијата во која го замесивте тестото е ладна, оставете ги да отстојат околу 40 минути, но доколку е топло – 30 минути се сосем доволни.

Во меѓувреме, додека го чекате тестото, ситно исечкајте го празот и кромидот (за посна погача). За празот искористив 4 дебели стебленца, а ако имате тенки исечкајте 5 – 6 стебленца.

Бидејќи постот на вода пројде, може да користите масло за пржење на празот. На средна температура, пржете го празот и кромидот. Не мешајте постојано за да не се формита каша.

Откога ќе го испржите празот, една третина додајте во сирењето за подготовка на масна погача, доколку правите две како мене. Измешајте го сирењето со празот. При пржењето на празот и кромидот, посолете со сол и црн пипер по желба.

Откога тестото ќе отстои потребното време, набрашнете ја масата или друга рамна површина и префрлете еден дел од пресеченото тесто. Другите делови покријте ги повторно со проѕирната фолија.

Тестото кое сега ќе го месите, потребно е да го развлечете со оклагија. Развлекувајте додека да добиете тенка кора, а потоа набрашнете и одозгора под тестото. Ова тесто тргнете го настрана и развлечете го вториот дел.

Кората која прва ја развлекувавте започнете со прстите да ја издолжувате. Односно развлекувајте ја како да си ја подавате низ рацете. Ова е многу лесен начин на развлекување на корите, но успева само ако го оставите тестото претходно да отстои потребното време додека да стане еластично.

Откога ќе ја ставите развлечената кора на масата, почекајте околу 10 секунди за кората убаво да спласне. Во зависност од температурата во собата, можеби ќе биде потребно да почекате повеќе од 10 секунди.

Започнете со развлекување на краевите кон секој раб на масата. Развлекувајте ја кората од сите страни наизменично додека да стане голема колку целата маса и да ја покрие целата маса како чаршаф.

Јас прво ја правев посната пита. Дополнително масло не додавам во питата бидејќи празот е доволно масен од пржењето. Ставајте од празот насекаде низ кората која е развлечена преку целата маса.

Кога ќе го распоредите целиот фил, најпрво со едната страна преклопете го чаршафот. Потоа од другите две страни преклопете по малку накај средината. Преклопувајте малку по малку додека да ја затворите целата пита од првата страна како што започнавте со преклопување (погледни видео).

Крајниот резултат е да добиете долгнавесто тесто во форма на валјак. Откога ќе го преклопите тестото, започнете да ја вртите питата кон внатрешноста како полжав. Во плех или тепсија кој е малку намастен ставете ја питата.

Со второто парче тесто кое го развлековте со оклагија повторете го истиот процес на развлекување на тестото помеѓу прстите, а потоа ставете го на масата исто како и првата пита.

Развлечете го преку целата површина на масата, додајте од филот. Во оваа пита ставив од филот со праз и сирење. Преклопете ги краевите да добиете валјак и завитакајте ја питата како првата.

Тестото се подготвува од само 3 состојки без масло и многу е едноставно и лесно. Само следете ја постапката на отстојување на тестото за да стане еластично. Ако тестото е еластично може да го развлекувате колку сакате.

Во претходно загреана рерна на 200 степени, печете ја питата додека да фати кора. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска