Фотографии и рецепт на Валентина Делиманчева Андреева. Многу вкусни и лесни колачиња во вид на снегулка. Едноставни се за приготвување, само малку “пипави” за обликување, но и тоа можете да го претворите во радосна забава доколку ги ангажирате и вашите деца за да ви помагаат.

Рецептот за овие прекрасни, вкусни и декоративни колачи во вид на снегулки ни го претстави нашата драга членка Валентина Делиманчева Андреева во групата НМД рецепти. Колачите се направени без калапчиња, рачно со помош на ножички, по едноставна и лесна шема.

Многу се декоративни особено во зимскиот период зошто навистина наликуваат како оригинални снежни снегулки. За да ги приготвите овие колачи ќе ви бидат потребни следните состојки: 90 г омекнат путер, 90 г шеќер во прав, 1 кесичка ванилин шеќер.

Потоа, 90 г кисела павлака, 260 г просеано брашно помешано со 1 рамна лажичка прашок за печиво. За крај ќе ви биде потребно уште само шеќер во прав за наросување на колачите (кој исто така, можете да го помешате со малку ванила за подобра арома).

Постапка: Извадете го путерот (90 г) да омекне на собна температура, а потоа со помош на шпатула или лажица изматете го со 90 г шеќер во прав и една кесичка ванилин шеќер. матете додека да се соедини путерот во компактна и изедначена смеса.

Потоа додадете 90 г кисела павлака (половина од 180 грамската чаша), па продолжете со мешањето додека и оваа состојка да се инкорпорира во путерот. Откако ќе добиете хомогена смеса, просејте 260 г брашно во кое претходно се промешале една мала рамна лажичка прашок за печиво.

Понатаму се месењето се продолжува со рака. Убаво изработете го додека да се соединат сите состојки и да добиете убаво компактно тесто кое лесно се обликува. Веднаш развлечете го во кора со дебелина од 5-6 мм, па од него вадете кругови со чаша.

Може да вадите кругови со различна големина или пак по ваша желба. Како ќе ги вадите круговите така веднаш редете ги во плехот каде што ќе се печат, претходно обложен со хартија за печење. Во самиот плех каде што ќе бидат наредени, таму ќе ги украсувате.

На фотографијата е прикажано како се формирани овие снегулки. Еден од начините: со помош на калапот за сечење варени јајца, правете ѕвездеста форма на круговите. А истото можете и рачно, така што ќе го засечете кругот на осминки или шестнаестинки.

Потоа со прстите зафатете го секој крај на триаголникот за да го формирате венечното ливче, а со помош на ножици штипнувајте ги некаде кон средината за да добиете тродимензионален волумен на внатрешен слој ливчиња. Можностите за украсување и креативност се големи.

Вака приготвените колачиња – снегулки ставете ги во претходно загреана рерна на 180 степени и печете ги кратко, околу 10-тина минути. Внимавајте да ви се испечат премногу, треба само малку да заруменат и веднаш вадете ги. Кога малку ќе подизладат наросете ги со шеќер во прав.