Белите колачи порано се приготвувале редовно и речиси постојано ги имало на масата во секое домаќинство. Многу едноставно се приготвуваат, многу убаво изгледаат, во средината се мекички како сунѓер, а однадвор имаат интересна бела глазура која крцка и се топи во уста.




Одлични се за грицкање ако ги послужувате со кафе или чај, а поради белата глазура имаат и долг рок на траење. Токму глазурата денес е предмет на бројни полемики, но порано овој рецепт секоја домаќинка го имала во својот тефтер. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 665 г брашно (или по потреба), 220 г шеќер, 2 жолчки, 250 мл топло млеко, 1 прстофат сол, 50 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер (10-12 г), 2 кесички прашок за печиво (20 г). За глазура: 2 белки, 100 г шеќер во прав и неколку капки лимонов сок




ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 125 г брашно, 220 г шеќер и прстофат сол. Промешајте и додајте 250 мл згреано млеко (да не е премногу врело, туку топло). Изматете со жица маталка додека сите состојки да се изедначат и смесата да стане мазна и без грутчиња.




Потоа додајте 50 мл масло и повторно енергично изматете околу една минута додека маслото да се инкорпорира во смесата. Оставете настрана да се олади и одмори 20 минути. По изминатото време додајте ги двете жолчки, па повторно промешајте.




Во добиената смеса додајте ванилин шеќер и започнете постепено да го додавате остатокот од брашното со прашокот за печиво. На почетокот мешајте со маталката додека да се формира компактно тесто, а потоа додајте го преостанатото брашно и замесете со рака.




Тестото е меко и сосем малку лепливо под прсти. Истресете го на напбрашнета работна поврпшина и со помош на оклагија развлечете кора со дебелина од 1 см. Со модла или чаша вадете кругови (6 см) или по желба. Остатокот од тестото повторно соединете го и развлечете го во кора, па вадете кругови додека сето да го потрошите.




Колачите редете ги во плех обложен со хартија за печење, на одредено растојание. Загрејте ја рерната на 180 степени, па ставете ги да се печат 20 минути. Колачите не треба да потемнат, туку остануваат бели (штом започнат на дното и страните да заруменуваат, готови се). Кога се печени оставете ги да се оладат.




ЗА ГЛАЗУРА: Во еден сад помешајте ги белките, шеќерот во прав и неколку капки лимонов сок. Изматете со миксер додека да добиете густа, леплива, полутечна глазура. Секое колаче натопете го во глазурата и оставете го врз решетка или хартија додека целосно да се исуши. Глазурата всушност е шеќерна е ги чува колачињата од расипување.

Сите оние кои не ја сакаат оваа глазура од белки и шеќер која порано редовно се користела, можат да приготват едноставна глазура од растопено бело чоколадо со лажичка масло, или пак, шеќерот во прав да го помешаат со чист лимонов сок. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете ОВДЕ.