Кога немам многу време да поминувам во кујна, а сакам нешто вкусно и декоративно за различни поводи, тогаш набавувам готови кори и веднаш за половина го кратам времето, бидејќи ми останува само уште подготовката на филот, редењето и декорацијата.




Чоколадото, портокалот и јафа кексите се една одлична комбинација, без разлика дали станува збор за колач или торта. Може да се прави колач само од една голема кора која се сече на три помали и да се добие помала торта за секој ден за заблажување на семејството.




Може да се користат и оние тркалезните кори, но и три големи кори за роденденска торта. Ќе ви ги напишам мерките за сите три верзии, а вие според потребите одберете која ви одговара и запишете си го рецептот. Еве што ви е потребно:




ПОЛНА МЕРА (за голема торта) СО 3 КАКАО КОРИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 1.5 литар млеко, 5 кесички пудинг од чоколадо (200 г), 12 супени лажици шеќер, 200 г чоколадо, 375 г путер или маргарин, 6 супени лажици еурокрем, 600 г јафа кекси, сок од портокал

ТРКАЛЕЗНИ КОРИ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 3 кесички пудинг од чоколадо (120 г), 8 супени лажици шеќер, 150 г чоколадо, 250 г маргарин или путер, 4 супени лажици еурокрем, 400-450 г јафа кекси, сок од портокал

ЕДНА ГОЛЕМА КОРА (шнит торта) – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ФИЛ: 600 мл млеко, 2 кесички пудинг од чоколадо (80 г), 6 супени лажици шеќер, 100 г чоколадо, 125 г маргарин или путер, 2 супени лажици еурокрем, 250 г јафа кекси, сок од портокал




ПОСТАПКА: Во посебен сад измешајте го пудингот, шеќерот и малку ладно млеко додека да добиете изедначена смеса без грутчиња. Остатокот од млекото ставете го на оган. Кога ќе зоврие намалете ја температурата и тенџерето малку потргнете го настрана, па во тенок млаз додајте го разматениот пудинг.




Мешајте непрекинато и вратете го тенџерето на оган, па варете додека да ја добиете потребната густина. Кога пудингот ќе згусне, тргнете го настрана и додека е сè уште врел додајте го чоколадото искршено на коцки и мешајте додека да се растопи и целосно соедини.




Пудингот претурете го во друг сад за побрзо да се олади и прекријте го со проѕирна фолија за да не фати коричка (или повремено промешувајте го). Кога ќе се олади речиси на собна температура, оставете го еден час во фрижидер, добро да се олади.




Потоа тргнете ја фолијата и кратко изматете го со миксер. За тоа време оставете го путерот исечкан на ленти да омекне на собна температура, па и него пенасто изматете го и започнете лажица по лажица во него да го додавате оладениот пудинг.




Кога ќе се изедначат путерот и пудингот, на крај додајте го еурокремот и уште малку изматете додека да се соедини. Една напомена кога станува збор за матењето: немојте предолго да ги матите филовите, бидејќи при долго матење тие се загреваат и се отпуштаат, па ќе добиете контра ефект од посакуваниот.




Готовата кора испрскајте ја со сок од портокал, онолку колку што сакате да ви биде сочна, почекајте да впие, па премачкјате ја со фил. Натопувајте ги кратко јафа кексите во сок од портокал и редете ги преку филот, наопаку.




Премачкјате повторно со фил, па повторете ја постапката со втората кора. Третата кора испрскајте ја со сок од портокал и целата торта премачкајте ја со остатокот од филот. Фил има доволно за сите кори, па најдобро е уште на почетокот одокативно да го поделите за секоја кора поединечно. Тортата оладете ја добро во фрижидер, па декорирајте ја по желба. / Domaсireсeпti.nеt